Активности



Среда, 28 март 2012 година       

Дваесет и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Дваесет и четвртата седница, одржана на 26 март 2012 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за претворање на побарувањето на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвата АД Органско Хемиска Индустрија „Наум Наумовски-Борче" Скопје, Тутунски Комбинат АД Прилеп и Друштво за производство на производи со посебна намена „11 Октомври Еурокомпозити“ АД Прилеп (по скратена постапка);
  2. Предлогот на закон за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (по скратена постапка).      

Воведно образложение по поднесените Предлог-закони даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

- Во однос на првиот Предлог-закон, тој истакна дека основна причина за предлагање на ова законско решение е претворање на побарувања на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во овие друштва, а со цел продажба на државниот пакет на акции.

Со оглед на тоа што станува збор за друштва со доминантен државен капитал, државата го толерирала работењето со загуба на овие друштва со децении, со цел да го одржи производството на овие големи комбинати, да ги задржи вработените кои се во поодминати години, зашто со нивно отпуштање би се создал дополнителен проблем и не би се надминал постоечкиот.

Истовремено, овие друштва не се задолжени само спрема нивниот основач и сопственик (Република Македонија), туку огромни се и долговите спрема приватни кредитори или деловни соработници.

Со приватизацијата на државниот капитал во овие друштва би се надминале  постоечките проблеми.

Владата го презема делот на долговите кои друштвата ги имаат спрема Република Македонија, а приватен инвеститор или стратешки партнер, кој би победил на јавен тендер за продажба на акциите, би го презел делот на долговите што друштвата ги имаат спрема приватни кредитори и деловни соработници, но и консолидацијата и рестартирање на овие фабрики.

Со спроведената конверзија во 2008 година значително се намалија обврските на друштвата, а во однос на долговите по основ на јавни давачки спрема државата заклучно со 31 декември 2008 година целосно се надминаа, вклучувајќи ги и придонесите за задолжително социјално осигурување на вработените.

Во меѓувреме друштвата продолжија да работат и се објавија јавни огласи за продажба на државниот капитал. Но, со продолжување на деловниот процес, настанаа нови долгови на друштвата по основ на јавни давачки кои ја оптоваруваат нивната идна продажба и го намалуваат интересот кај инвеститорите.

Од тие причини повторно се предлага претворање на побарувањето на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во друштвата.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири „против“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе овој Предлог-закон.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, заменик-министерот за финансии истакна дека измените произлегуваат од потреба за усогласување на одредби од овој закон со Законот за здравствено осигурување, со што се вклучуваат лицата со статус на признаен бегалец и лицата под супсидијарна заштита во системот на задолжително здравствено осигурување.

Во моментов примарната здравствена заштита за признаените бегалци и лицата под супсидијарна заштита се обезбедува преку посебни механизми, финансирани од Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).

Меѓутоа, согласно известувањето од УНХЦР, трошоците за примарна здравствена заштита ќе бидат покривани до крајот на февруари 2012 година, по што оваа обврска ќе треба да ја преземе Министерството за труд и социјална политика.

Секундарната и терцијарна здравствена заштита овие лица ја остваруваат во сите здравствени установи на територијата на Република Македонија и досега трошоците за нивното лекување беа на товар на Министерството за труд и социјална политика.

Во моментов во државата има 24 лица со признат статус на бегалец и 1.041 лице со статус на лица под супсидијарна заштита, од кои 45% се деца на возраст од 0 до 17 години.

Со приемот во здравствено осигурување за овие лица ќе се обезбеди  примарна, секундарна и болничка здравствена заштита, идентично како и за македонските граѓани, односно и тие ќе бидат обврзани да плаќаат партиципација за добиената здравствена услуга.

Комисијата го разгледа амандманот за менување на членот 1, поднесен од пратеникот Весна Бендевска, која го образложи истиот. Претставникот на Владата не се согласи со предложениот амандман.

Комисијата со четири гласа „за“ и седум „против“ не го усвои амандманот.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири гласа „воздржан“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе Законот за  изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Click