Активности



Понеделник, 24 април 2012 година

Дваесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и петтата седница, одржана на 18 април 2012 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за задолжница (второ читање);
  2. Предлогот на закон за дополнување на Законот за платниот промет (второ читање).
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за правното наследство на Република Македонија на членството во Меѓународниот монетарен фонд (прво читање);
  4. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри (прво читање);
  5. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите (прво читање), поднесен од пратеникот Изет Зеќири.

- По Предлогот на закон за задолжница, Комисијата водеше претрес по три Амандмани поднесени од пратениците Марјанчо Николов, Стојко Пауновски, Миле Андонов, Панче Орцев и Борче Ставров и еден Амандман поднесен од пратениците Изет Зеќири и Фламуре Демири Креци.

Претставникот на Владата не се согласи со поднесените амандмани, а со по три гласа „за“ и седум „против“ Комисијата не ги усвои истите.
 
Комисијата со седум гласа „за“ и три гласа „против“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија  не се исполнети условите за подготвување на  Дополнет предлог и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе Законот за задолжница.

- Во врска со Предлогот на закон за дополнување на Законот за платниот промет, Комисијата со седум гласа „за“ и три „против“  заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготвување на  Дополнет предлог и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе Законот за дополнување на Законот за платниот промет.

- Воведно образложение на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за правното наследство на Република Македонија на членството во Меѓународниот монетарен фонд, даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој нагласи дека целта на предложените измени и дополнувања е да се прифатат позитивните решенија предложени од страна на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), односно да се овозможи правно регулирање на измената на Статутот на ММФ во правниот систем на Република Македонија.  

Со иницијативата на ММФ од 10 ноември 2010 година, се предлагаат измени на Статутот на ММФ во однос на менување на одредбите кои се однесуваат на Извршниот одбор на ММФ.

Со овие реформи се менува процедурата за избор, работење и гласање на извршните директори на Фондот. Измените се со цел да го подобрат работењето на Извршниот одбор, како и претставувањето на земјите-членки во истиот.

Извршниот одбор ќе се состои само од избрани извршни директори, со тоа што се укинува категоријата на назначени извршни директори (во моментот петте членки со најголема квота назначуваат извршен директор и тоа: САД, Германија, Јапонија, Франција и Обединетото Кралство). 

Измената на Статутот на ММФ ќе стапи во сила за сите земји-членки три месеци откако Фондот ќе потврди, со формално писмо адресирано до сите земји-членки дека три петтини од членките кои имаат 85% од вкупното гласачко тело ја прифатиле измената.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Заменикот на министерот за финансии во воведното образложение на Предлогот на закон за изменување  и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, дека основна цел е усогласување на одредбите на законот кои се однесуваат на електронските игри на среќа со останатите одредби на законот и изменување на одредбите на законот кои се однесуваат на приредувањето на интернет игрите на среќа, со цел создавање на можност за приредување на интернет игрите на среќа од страна на трговското друштво за приредување на игри на среќа во кое Република Македонија е содружник или акционер со најмалку 51% од основната главнина.

Исто така, со овој закон се врши и дополнување на одредбите на Законот за игрите на среќа и за забавните игри кои се однесуваат на казнените одредби.

Комисијата со 7 гласа „за" и два „воздржани" заклучи дека Предлогот на закон за изменување  и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, го образложи предлагачот, пратеникот Изет Зеќири.

Тој нагласи дека основна причина за предлагање на ова законско решение е ублажување на ефектот од зголемените цени на нафтените деривати (како резултат на зголемената цена на барел сирова нафта на светските пазари) врз потрошувачите.

Со измените и дополнувањара се предлага намалување на акцизата на одделни нафтени деривати и тоа за безоловните бензини намалувањето изнесува 6 денари по литар, додека за дизел горивата 3 денари по литар.

Намалувањето на акцизата на безоловните бензини и на дизел горивата нема да предизвика фискални импликации врз Буџетот на Република Македонија, од причина што намалувањето на акцизата на безоловните бензини и на дизел горивата се очекува да го ублажи падот на потрошувачката, со што би се компензирал негативниот ефект.  

Комисијата со 4 гласа „за“ и 6 „против“ заклучи дека овој Предлог на закон не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

Click