Активности



Петок, 27 април 2012 година

Дваесет и шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 26. седница, одржана на 23 април 2012 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки (прво читање);
  2. Предлогот на закон за изменување на Законот за буџетите (прво читање);
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2012 година (прво читање);
  4. Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2011 година.

- Воведно образложение по поднесениот Предлог на  закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, даде претставникот на предлагачите, пратеникот г. Марјанчо Николов.

Тој истакна дека со ова законско решение се предлага буџетските корисници кои сакаат да ги одложат своите обврски кон компаниите со анекс на договорот (што е предвидено со постојнoто законско решение) пред да ја извршат промената на динамиката на обврските од веќе склучените договори да обезбедат банкарска гаранција од Македонската банка за поддршка на развојот. Истовремено, се предлага рокот на одложување на обврските да не биде подолг од 6 месеци, со цел да се намали долгот на државата кон реалниот сектор.

Со предложените измени се очекува зајакнување на финансиската дисциплина на државата, намалување на висината на неподмирени обврски на буџетските корисници кон реалниот сектор и подобрување на ликвидноста на македонското стопанство.

Комисијата со четири гласа „за“ и шест „против“ заклучи дека овој Предлог-закон не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

- Претставникот на предлагачите, пратеникот Марјанчо Николов, образоложувајќи го Предлог-законот за изменување на Законот за буџетите, истакна дека со ова законско решение се предлага буџетските корисници кои сакаат да ги одложат своите обврски кон компаниите со анекс на договорот пред да ја извршат промената на динамиката на обврските од веќе склучените договори, да обезбедат банкарска гаранција од Македонската банка за поддршка на развојот, како и рокот на одложување на обврските да не биде подолг од 90 дена. Целта е постепено намалување на рокот на кој се пролонгираат обврските и намалување на  долгот на државните органи кон реалниот сектор.

Комисијата со четири гласа „за“ и седум „против“ заклучи дека Предлогот на закон за изменување на Законот за буџетите не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

-  Од име на предлагачите, воведно образложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2012 година, исто така, даде  пратеникот Марјанчо Николов.

Тој истакна дека со Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2012 година е утврдено решение според кое буџетските корисници од централната власт, како и единките корисници, се должни во рок од 25 дена од денот на донесувањето на Буџетот до Трезорот при Министерството за финансии да достават годишен финансиски план по квартали за користење на средствата по сметки, програми, потпрограми и ставки.

Покрај оваа обврска, со предложениов закон се предлага буџетските корисници и единките корисници да достават и детален преглед на доспеани и неизмирени обврски кон добавувачите, кои Министерството за финансии задолжително ќе ги објавува на својата веб-страница во рок од три дена од доставата на истите.

Целта на предложеното решение е да се добие податок колку изнесува долгот на државата кон добавувачите, во најголем дел кон компаниите. Се цени дека е добро Министерството за финансии да ги објавува на својата веб-страница обврските кон добавувачите, затоа што нема друга институција која би требало да го прави тоа.

Воведување на овој систем за објавување на обврските на државата кон добавувачите е во насока да се има увид за финансиската состојба на државата и дали таа сосотојба може да претставува опасност за макроекономската стабилност на земјата.

Комисијата со четири гласа „за“ и шест „против“ заклучи дека овој Предлог на закон не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

- На седницата на Комисијата присуствуваше претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, г-ѓа Маја Малахова, која даде воведно образложение по Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2011 година.

Таа истакна дека во овој извештај се содржани компаративни податоци во однос на изминатите 2009 и 2010 година и веќе може да се направи споредба на обжалените постапки и решените предмети по години, со оглед на фактот што Државната комисија работи како самостоен орган повеќе од три години.

Комисијата е самостоен буџетски корисник чија работа и надлежност се уредени со закон. Претседателот и членовите на Државната комисија по пат на јавен конкурс ги именува и ги разрешува Собранието на Република Македонија.
Државната комисија во моментов ја сочинуваат пет члена и тоа: претседател и четири члена, а во делот на стручната служба, Комисијата доби зајакнување со уште двајца советници.

Одобрениот буџет на Државната комисија за 2011 година изнесува 11.670.000,00 денари и истиот може да се смета како недоволен за функционирање на Државната комисија како самостоен државен орган.

Како заклучок таа презентираше дека е потребно јакнење на материјално-кадровските услови за поефикасна работа на Државната комисија за жалби по јавни набавки, со оглед на нејзините надлежности во областа на правната заштита во постапките за јавни набавки. 

Имајќи го предвид фактот што со последните измени на Законот за јавните набавки, надлежноста на Државната комисија е проширена со постапување по изјавени жалби во постапките за доделување договори за концесии и јавно приватно партнерство, потребно е кадровско доекипирање. За таа цел е потребен и поголем буџет за едукација од областа на концесиите и јавното-приватно партнерство.

Врз основа на расправата Комисијата едногласно го усвои следниов Заклучок:

  • Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на  Република Македонија го разгледа Годишниот извештај за работата на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2011 година.
Click