Активности

Понеделник, 14 мај 2012 година

Дваесет и седма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и седмата седница одржана на 2, 3, 4, 7, 8,10, 11 и 12 мај 2012 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2012 година.

На седницата на Комисијата присуствуваше министерот за финансии, м-р Зоран Ставрески, кој даде воведно образложение по Ребалансот.

Тој истакна дека Ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2012 година претставува навремена и адекватна реакција на Владата на Република Македонија на движењата во македонската и европската економија.

Имајќи предвид дека Буџетот на Република Македонија за 2012 година беше донесен во услови на неизвесност и ризици од должничката криза во Европа, со предложениот Ребаланс се врши сообразување со досегашната реализација и очекуваната стабилизација на економската активност во втората половина од годината.

Општото намалување на економската активност предизвикала во периодот јануари - март 2012 година да биде остварен дефицит на Буџетот на Република Македонија во висина од 4.529.000.000 денари или 0,9% од БДП. Тоа е последица на остварени буџетски приходи во износ од 31.800.000.000 денари и буџетски расходи во износ од 30.800.329.000 денари.

Во овој период од годината забележителни се отстапувањата од приходите во однос на планот, иако тие се повисоки од истиот период од минатата година за 1,2%, сепак се значително под проектираниот износ за оваа година. Тоа ја наметнало потребата за прилагодување на Буџетот и консолидација на расходите со цел истите да се сообразат со реалните потреби на приходната страна и економијата во целина.

Врз основа на остварувањата на индустријата и другите дејности на почетокот од годинава, реално е да се очекува нагативна стапка на БДП за првиот квартал од 2012 година. Во останатиот дел од годината се очекува постепено заздравување на економската активност преку зголемување на инвестициите и екстерната побарувачка посебно во втората половина од 2012 година.

Анализирано по сектори, најголем раст се предвидува кај градежништвото, земјоделството и услужните дејности, во чии рамки се очекува трговијата да оствари солиден раст.

Со Ребалансот првенствено се зачувува фискалната дисциплина преку одржување на буџетскиот дефицит на одмерено ниво од 2,5% од БДП. Тоа е ниво на дефицитот кое истовремено овозможува соодветна поддршка на стопанството и економијата во услови на нарушена состојба во европската економија при истовремено задржување на долгот на државата на ниско до умерено ниво.

Од структурен аспект, со Ребалансот на Буџетот се обезбедува одржување на капиталните инвестиции на високо ниво, како и на сите права кои влегуваат во рамките на социјалната компонента на Буџетот.

Во целина, предложените измени со Ребалансот на Буџетот за 2012 година ќе дадат придонес за натамошно одржување на макроекономската  и социјалната стабилност во Република Македонија, како и за подобрување на состојбите во стопанството и остварување на предвидениот економски раст за 2012 година.

По Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2012 година вкупно беа поднесени 473 амандмани, од кои 32 беа повлечени, а останатите не беа усвоени.

На крајот од расправата, Комисијата со 8 гласа „за“ и 3 „против“ заклучи согласно член 180 од Деловникот на Собранието на Република Македонија дека е потребно Владата да подготви Дополнет предлог за изменување и дополнување на  Буџетот на Република Македонија за 2012 година кој ќе претставува нов интегрален текст.
Click