Активности



Вторник, 8 мај 2012 година

Дваесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Дваесет и осмата седница, одржана на 27 април 2012 година, како матично работно тело во прво читање го разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за супервизија на осигурување, поднесен од пратеникот Изет Зеќири.

Во воведното образложение, г. Изет Зеќири посочи дека со Законот за супервизија на осигурување се основа Агенција за супервизија на осигурување. Агенцијата е самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон.

Агенцијата во рамките на своите надлежности и овластувања се грижи за законито и ефикасно функционирање на пазарот на осигурување, со цел за заштита на правата на сопствениците и корисниците на осигурување.

Работењето на Агенцијата се финансира од надоместоци што таа ги наплатува од друштвата за осигурување, осигурително-брокерските друштва, друштвата за застапување во осигурувањето и другите лица врз кои супервизија спроведува Агенцијата.

Тој смета дека годишниот надоместок за спроведување супервизија на друштвата за осигурување, осигурително-брокерските друштва и друштвата за застапување во осигурувањето во износ најмногу до 0,8% од вкупната годишна бруто премија на друштвата за осигурување, односно вкупниот годишен приход од провизии на осигурително-брокерските друштва и друштвата за застапување во осигурувањето е висок и затоа предлага тој да изнесува 0,6% за да не се создава вишок на приходи за Агенцијата за супервизија на осигурување.

Понатаму, г. Зеќири истакна дека во услови на криза кога сите позиции во Буџетот на Република Македонија се скратуваат, оваа Агенција предвидува зголемување на другите расходи, како што се расходи за плати, патни и дневни трошоци и други расходи што не се во согласност со политиките на Владата на Република Македонија.

Доколку се анализира финансискиот план на оваа Агенција, ќе се дојде до заклучок дека приходите што ги стекнува оваа Агенција од камати што ги добива од средства што таа ги  пласира на домашниот пазар изнесуваат околу 2.000.119,00 денари што е неприфатливо затоа што според законските овластувања оваа Агенција е непрофитабилна институција.     

Во претресот учествуваа пратениците: г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Миле Андонов, г-ѓа Лилјана Кузмановска, г. Драган Цуклев и г. Стојко Пауновски.  

Комисијата со четири гласа „за“ и шест гласа „против“ заклучи дека Предлог на закон за изменување на Законот за супервизија на осигурување не е прифатлив и не може да се даде на натамошно читање.

Click