Активности



Вторник, 15 мај 2012 година

Дваесет и деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и деветтата седница, одржана на 10 мај 2012 година, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори и странски железнички претпријатија во траен влог во МЖ Транспорт АД Скопје;
  2. Предлогот на закон за дополнување на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати;
  3. Предлогот на закон за адвокатски маркички;
  4. Предлогот на закон за дополнување на Законот за даночна постапка;
  5. Предлогот на закон за изменување на Законот за даноците на имот;
  6. Предлогот на закон за изменување на Законот за административните такси;
  7. Предлогот на закон за изменување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот, поднесен од пратениците Гордан Георгиев, Игор Ивановски, Тања Томиќ, Ана Павловска Данева, Оливер Спасовски, Горан Минчев, Благоја Стојановски, Самка Ибраимоски, Драгиша Милетиќ, Марјанчо Николов, Маринела Тушева, Емилијан Станковиќ, Билјана Казанџиска, Миле Андонов, Голубчо Ангелов, Станка Анастасова, Андреј Петров, Панче Орцев, Горан Сугарески, Цветанка Иванова, Саве Марачков, Светлана Мазгалоска Вучетиќ, Борче Ставров, Јани Макрадули, Весна Бендевска, Митре Велјаноски, Ердоган Сарач, Дивна Јофковска Ефтимоска, Менде Диневски и Стојко Пауновски.

- Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори и странски железнички претпријатија во траен влог во МЖ Транспорт АД Скопје даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека со предложеното законско решение ќе се овозможи финансиска консолидација на МЖ Транспорт АД - Скопје по пат на конверзија на побарувањата на Република Македонија во траен влог во друштвото  МЖ „Транспорт" АД – Скопје.

Основно решение што се предлага со Законот е претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори и странски железнички претпријатија до 31.12.2011 година во траен влог во МЖ Транспорт АД Скопје.

Предлогот на Законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори и странски железнички претпријатија  во траен влог во МЖ Транспорт АД Скопје се заснова на следниве начела: зголемување на ефикасноста на работењето на МЖ Транспорт АД Скопје  и подобрување на деловната клима во Република Македонија.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот на закон за дополнување на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, заменик-министерот за финансии истакна дека основна цел на Законот е да се овозможи во кризни ситуации да се отстапуваат нафтени деривати од задолжителните резерви во форма на краткорочни позајмици во случај на потреба од итна интервенција при настанување на кризна состојба, при што во текот на календарската година истата да не надминува 50% од вкупно складираните количини на задолжителни резерви за секој  нафтен дериват одделно.

Од друга страна, во други случаи, кога постои итна потреба од нафтени деривати од страна на државни органи, јавни претпријатија, јавни установи и други правни лица и институции основани од државата што вршат дејност од јавен интерес и општините, за извршување на нивните активности утврдени со закон, се предвидува издавање на краткорочни позајмици или отстапување без надомест на одделни видови на нафтени деривати од задолжителните резерви на горенаведените органи и институции, при што истите нема да надминуваат 25% од вкупно складираните количини за секој нафтен дериват одделно.

Во двата наведени случаи се предлага Владата на Република Македонија да одлучува за корисниците, трошоците за испорака, видот, количините и намената на нафтените деривати кои ќе се позајмуваат или ќе се отстапуваат без надомест, како и за рокот за враќање на позајмените количини. Исто така се предлага наведениот начин на користење на задолжителните резерви на нафтени деривати да се применува до денот на пристапувањето  на Република Македонија во Европската Унија.

Комисијата со седум гласа „за“ и четири „воздржани“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Основна цел на Предлогот на закон за адвокатски маркички е воведување и користење на адвокатски маркички од страна на адвокатите поединци, со кои ќе се овозможи аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход и евидентирање на приходите кои ги остваруваат во готово, образложи г. Недим Рамизи.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за адвокатски маркички е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за дополнување на Законот за даночна постапка, г. Рамизи истакна дека основна цел е допрецизирање на одредбите на законот во однос на можноста да се изврши инспекција во просториите на даночниот обврзник без негово претходно известување со цел да се обезбеди информација побарувана од странска даночна администрација како резултат на склучен договор меѓу двете земји согласно со препораките на ОЕЦД за членство на Република Македонија во Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели.

Исто така, предложеното дополнување на Законот има за цел да доведе до зголемување на бројот на даночни пријави кои се поднесуваат во електронски облик, со што би се зголемила ефикасноста и би се намалиле трошоците за прием, обработка и чување на истите.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Заменик-министерот за финансии по Предлогот на закон за изменување на Законот за даноците на имот истакна дека со него се предлага решение со кое се предвидува проценката односно утврдувањето на пазарната вредност на недвижниот имот за целите на даноците на имот да ја вршат лица кои се вработени во единицата на локалната самоуправа и имаат положен стручен испит за проценувач.

Комисијата со седум гласа „за“ и три „воздржани“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Предложените измени на Предлогот на закон за изменување на Законот за административните такси се во насока на намалување на административните трошоци во постапката за издавање на одобрение за градење, преку намалување на висината на административната такса која се плаќа од страна на лицата кои поднесуваат барање за добивање на одобрение за градење на категорија на градби од локално значење.

Во оваа насока се предлага намалување на висината на административната такса која се плаќа за поднесено барање за издавање на  одобрение за градење и за издавање на решение со кое се одобрува архитектонско-урбанистички проект и урбанистички проект за 50%,  намалување  на висината на административната такса за поднесено барање за издавање на одобрение за поставување на времени објекти и урбана опрема и усогласување на тарифата на административни такси со одредбите од Законот за градење со кој се предвидува постоење на прва и втора категорија на градби, образложи г. Рамизи.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување на Законот за административните такси е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Предлогот на закон за изменување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот го образложи претставникот на предлагачите, пратеникот Марјанчо Николов.

Тој истакна дека со законското решение се предлага Македонската банка за поддршка на развојот да може да издавa гаранции на буџетските корисници и единките корисници на средства од Буџетот на Република Македонија.
Буџетските корисници кои сакаат да ги одложат своите обврски кон компаниите со анекс на договорот пред да ја извршат промената на динамиката на обврските од веќе склучените договори да можат да обезбедат банкарска гаранција од Македонската банка за поддршка на развојот. 

Обезбедувањето на гаранција би влијаело на зајакнување на финансиската дисциплина на државата, намалување на висината на неподмирени обврски на буџетските корисници кон реалниот сектор и подобрување на ликвидноста на македонското стопанство.

Комисијата со 6 гласа „за“ и 1 „против“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и  треба да се даде на натамошно читање.

Click