Активности



Среда, 20 јуни 2012 година

Триесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Триесет и втората седница,  одржана на 18 јуни 2012 година, како матично работно тело во прво читање ги разгледа:

  • Предлогот на закон за експропријација;
  • Предлогот  на  закон за вршење на  сметководствени работи.

Воведно образложение по Предлог-законот за експропријација даде директорот на Управата за имотно-правни работи, г. Зоран Крстаноски.

Тој истакна дека постојниот закон за експропријација е донесен во 1995 година. Во времето на неговото донесување сe уште во Република Македонија немало закон за сопственост, којшто требало да ги уреди и облиците на правото на сопственост. Со донесувањето на Законот за сопственост и други стварни права во 2001 година се предвидоа три облици на правото на сопственост: приватна на физички и правни лица, општинска и државна сопственост.

Така, согласно овој Предлог на закон, експропријацијата како начин на одземање и ограничување на правото на сопственост на недвижност се подразбира одземање на сопственоста на недвижности или ограничување на правото на сопственост на недвижностите како во приватна така и во државна и општинска сопственост.

Втор значаен аспект во поглед на содржината на овој Предлог на закон е  тоа што тој ги следи новините во Законот за градење, во чии одредби градбите во Република Македонија се дефинираат на градби од прва категорија или градби од јавен интерес утврдени со закон од значење за Република Македонија и градби од втора категорија, односно градби од јавен интерес утврден со закон од локално значење.

Тоа подразбира дека одземањето на сопственоста на недвижности во постапката за експропријација може да се спроведува заради градење на објекти и изведување работи од јавен интерес кои се од значење за Република Македонија и заради градење на објекти и изведување на работи од локално значење.

Како предлагач во постапката на експропријација може да биде државата кога се работи за реализација на јавен интерес од значење за Република Македонија или соодветната општина кога се работи за јавен интерес од локално значење.     

Со овој Предлог на закон за прв пат се воведува начелото на договарање, односно за предлагачот на експропријацијата се воведува обврска да ги примени одредбите од договорното право и на сопственикот на недвижноста да му понуди склучување на договор за размена или договор за продажба, а доколку сопственикот на недвижноста не ја прифати оваа понуда, дури тогаш да се пристапува кон покренување на постапка за експропријација.

По извршената експропријација и засновањето на право на сопственост на Република Македонија и на единиците на локална самоуправа и на Градот Скопје, недвижноста може да се дава на концесија, долготраен закуп и користење согласно посебните закони, како што се Законот за градежно зејиште, Законот за минерални суровини, Законот за енергетика и други закони.

Државата и локалната самоуправа како предлагачи на експропријацијата нема да предлагаат експропријација само за своите потреби, туку и за реализација на јавен интерес, кој што е опфатен во повеќе материјални закони, односно каде што реализацијата на јавниот интерес ќе се врши од други субјекти.

Со овој Предлог на закон, како и со постојниот закон, може да се врши потполна и непотполна експропријација. За разлика од потполната експропријација, со која што целосно се одзема сопственоста, со непотполната експропријација не се одзема сопственоста, туку само се ограничува со востановување право на службеност.

Правото на службеност се востановува кај линиско инфраструктурни градби, при што предлагач на непотполната експропријација е инвеститорот на линиската инфрастуктурна градба врз основа на проект изработен согласно Законот за градење.

Правото на сопственост може да се ограничува и за изведување на претходни работи на земјиштето од геолошки, хидролошки, урбанистички и друг карактер заради вршење на детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални  суровини, како и привремено да се зазема соседно земјиште кое што е во функција на градењето и изведувањето на работите од јавен интерес.

Во однос на надоместокот на експроприраната недвижност, со Предлогот на закон се предвидува новина, според која пазарниот надомест се утврдува од страна на овластен проценувач, согласно Законот за проценка, во којшто е утврден и начинот на проценка според методологија и правилник за стандарди за проценка на пазарната вредност.

Во однос на постапката за експропријација и овој Предлог на закон главно ги задржува истите решенија од постојниот закон со одредени модификации само во поглед на доказите коишто предлагачот на експропријацијата треба да ги достави кон предлогот за експропријација.

Во претресот учествуваше пратеникот г. Марјанчо Николов.

Во однос на Предлогот  на  закон за вршење на  сметководствени работи, воведно образложение даде повереникот на Владата на Република Македонија, г. Ленче Тагасовска, раководител на Сектор во Министерството за финансии.

Таа истакна дека до 2002 година професијата сметководител во Република Македонија била регулирана со Законот за сметководство, според кој секој субјект водењето на сметководството имаше обврска да го довери на стручно лице (одговорен сметководител).

Со неговото укинување,  сметководството на трговските друштва и на непрофитните организации  започнале да го вршат интерни служби,  надворешни сметководители или сметководствени бироа.

Непостоењето на законски дефинирани критериуми за вршење сметководствени услуги и индивидуалниот начин на утврдување на професионалната способност на сметководителот не може да гарантира исти критериуми за признавање на припадноста на некое лице на сметководствената професија и придонесува за неизвесен развој и унапредување на оваа професија.

Нерегулираните односи и непостоењето на правила при извршување на оваа професија доведува до нелојална конкуренција и до намалување на квалитетот и дисциплината во работата.

Од сите овие причини се предлага донесување на Закон за вршење сметководствени работи со кој ќе се регулира сметководствената професија во Република Македонија.

Со предложените решенија се утврдуваат критериумите кои физичките и правните лица треба да ги исполнат за да стекнат право да вршат сметководствени работи.

Се пропишува постапката и условите за полагање на испит за стекнување на уверение за сметководител и овластен сметководител и се утврдува правото трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото да можат да вршат сметководствени работи по добивање на лиценца за работа од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија како единствено професионално тело на национално ниво.

Податоците за вршителите на сметководствени работи ќе бидат евидентирани во регистрите кои ќе бидат јавно достапни на веб-страницата на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија.

Со цел обезбедување сметководствени услуги со висок квалитет, сметководителите и овластените сметководители ќе имаат обврска континуирано професионално да се усовршуваат и нивното работење ќе биде предмет на контрола од страна на Институтот.

Во случај на сторена повреда на Законот, организациските и оперативните акти на Институтот и Кодексот на етика на професионалните сметководители на IFAC против сметководителот, односно овластениот сметководител, ќе се поведе дисциплинска постапка и ќе се изрече дисциплинска мерка, а против трговските друштва кои вршат сметководствени работи ќе се поведе прекршочна постапка или постапка за одземање на лиценцата.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Ѓорѓи Коџабашиев, г. Миле Андонов, г-ѓа Владанка Авировиќ и г. Борислав Стојменов,  потоа г. Павле Гацев, претставник на Агенцијата Про агенс; г-ѓа Вера Рафајловска, претставник на Рафајловски консалтинг и ревизија и г. Драги Митковски, претседател на Сметководствената комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.

На крајот од расправата, Комисијата со 6 гласа „за” и 2 „воздржани” заклучи дека Предлог-законите се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Click