Активности



Среда, 27 јуни 2012 година

Триесет и трета седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на вчерашната Триесет и трета седница, како матично работно тело ги разгледа:

  • Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Финансискиот договор наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти - III фаза, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Македонската банка за поддршка на развојот (по скратена постапка);
  • Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Дојче Банка по Договорот за заем наменет за буџетска поддршка (по скратена постапка). 

Воведно образложение по поднесените Предлог-закони даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Во однос на Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Финансискиот договор наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти-III фаза, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Македонската банка за поддршка на развојот, г. Рамизи истакна дека Министерството за финансии, по барање на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), на 17.2.2012 година со официјално обраќање до Европската инвестициона банка (ЕИБ) ја отпочна постапката со барање на нов, трет заем, во износ од 100.000.000 евра, со цел благовремено задоволување на потребите на малите и средните претпријатија и нивната идна поддршка.

Заемопримач ќе биде МБПР, додека Република Македонија ќе издаде државна гаранција. МБПР ќе ја пласира оваа кредитна линија преку деловните банки до крајните корисници.

Најмалку 70% од оваа кредитната линија ќе биде наменета за финансирање на мали и средни претпријатија, додека под други приоритетни проекти кои можат да се финансираат со најмногу 30% од средствата предвидени за оваа кредитна линија, се подразбираат инвестиции кои ќе бидат преземени од крајните корисници во областа на заштита на животната средина, економија базирана на знаење во рамки на Иницијативата на ЕИБ за иновација 2010, како и енергија, инфраструктура, индустрија и други услужни дејности.

Целта на проектот е обезбедување на свеж капитал за малите и средни претпријатија и ублажување на последиците од кризата врз овој сегмент од реалниот сектор.

Дополнително, овој Проект има за цел поддршка на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност на стопанството и зголемен извоз.

Основно начело врз основа на кое се заснова овој Предлог на закон е обезбедување на финансиски средства за да се овозможи реализација на Проектот за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – III фаза.

Во расправата учествуваше пратеникот Миле Андонов.

Комисијата едногласно заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Финансискиот договор наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти-III фаза, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Македонската банка за поддршка на развојот.

Заменик-министерот за финансии, г. Недим Рамизи, по Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Дојче Банка по Договорот за заем наменет за буџетска поддршка истакна дека средствата од заемот од Дојче банка во износ од 75 милиони евра ќе бидат наменети за финансирање на буџетскиот дефицит во 2012 година и рефинансирање на обврските кои достасуваат по основ на редовна отплата на државниот долг.

Условите под кои Република Македонија ќе се задолжи кај Дојче банка се следните:

  • Износ на заем: 75 милиони евра;
  • Рок на отплата: 5 години;
  • Начин на отплата: полугодишна отплата на каматата, а главницата ќе се отплати одеднаш, на крајот на 5-та година од одобрување на заемот;
  • Каматна стапка: фиксна каматна стапка која се формира како збир од 5-годишен свап (за евро валута ) и маргина во висина од 5,33%;
  • Провизија: еднократна провизија во висина од 1,40% од износот на заемот;
  • Рокот за повлекување на средствата е 15 дена од денот на потпишување на Договорот за заем.

Во расправата учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Миле Андонов, г. Драган Цуклев, г-ѓа Лилјана Кузмановска, г. Изет Зеќири, г. Ромео Тренов и г. Стојко Пауновски.

На крајот од расправата, Комисијата со шест гласа „за“ и три „против“ заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Дојче Банка по Договорот за заем наменет за буџетска поддршка.

Click