Активности



Понеделник, 23 јули 2012 година

Триесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Триесет и петтата седница, одржана на 18 и 19 јули 2012 година, како матично работно тело  ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, поднесен од пратениците Радмила Шекеринска Јанковска, Гордан Георгиев, Наташа Савова Салковска, Игор Ивановски, Тања Томиќ, Ана Павловска Данева, Оливер Спасовски, Горан Минчев, Благоја Стојановски, Самка Ибраимоски, Драгиша Милетиќ, Марјанчо Николов, Маринела Тушева, Емилијан Станковиќ, Билјана Казанџиска, Миле Андонов, Голупчо Ангелов, Станка Анастасова, Андреј Петров, Панче Орцев, Горан Сугарески, Цветанка Иванова, Саве Марачков, Светлана Мазгалоска Вучетиќ, Борче Ставров, Јани Макрадули, Весна Бендевска, Митре Велјаноски, Ердоган Сарач, Дивна Јовковска Ефтимоска, Менде Диневски, Стојко Пауновски, Рејхан Дурмиши, Фијат Цаноски, Ленче Николовска, Мевмет Џемајлоски, Сафет Бишевац, Тито Петковски, Ивон Величковски, Горан Мисовски, Соња Мираковска и Николче Ацевски (прво читање);
  2. Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа (прво читање);
  3. Годишен извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2011 година;
  4. Финансиски извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2011 година;
  5. Годишен извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување  за состојбата и движењата на пазарот на осигурување во Република Македонија во 2011 година;
  6. Извештај за работата на Комисијата за хартии од вредност во 2011 година;
  7. Годишен извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2011 година;
  8. Годишен извештај за работењето на Народната банка на Република Македонија во 2011 година и Извештај на Народната банка на Република Македонија за банкарскиот систем на Република Македонија во 2011 година.

- Воведно образложение по Предлогот на закон за изменување на Законот за регистрирање на готовински плаќања даде претставникот на предлагачите, г. Горан Сугарески.

Тој истакна дека предложените измени се во насока на намалување на високите парични глоби и намалување на времетраењето на забраната за вршење на дејност во деловната просторија на правното или физичкото лице предвидени во постојното законско решение.

Беше истакнато дека е неприфатливо што со постојното законско решение се предвидува еднаква казна без разлика на тежината на сторениот прекршок. Неспорно е дека даночните обврзници треба да бидат совесни и редовно и навремено да ги исполнуваат своите обврски кон државата.

Се предлага пред да биде изречена казна забрана за вршење дејност, на даночниот обврзник да му биде изречена опомена.

Предложените измени не се во функција на даночната евазија и заштита на обврзниците кои затајуваат данок, туку основна интенција е да се намалат казните и да се воведе институтот опомена, со цел да се заштитат обврзниците кои и за најмали несогласувања во регистрираниот промет и прометот во каса се казнуваат со највисоки казни.   

Комисијата со еден глас „за“ и шест „против“ заклучи дека овој Предлог-закон не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа, воведно образложение даде  повереникот на Владата на Република Македонија, г-ѓа Сузана Стојмироска, раководител на сектор во Министерството за финансии.

Таа истакна дека основна цел на предложениот закон е да се овозможи вработените кои работат во Царинската управа и имаат статус на државни службеници да бидат прераспоредени на работни места со статус на царински службеник.

Имено, со Спогодба за преземање на државните службеници, Царинската управа има преземено 40 државни службеници и истите се распоредени на работни места со статус на државни службеници во организационата единица за сметководство и финансии, организационата единица за административно технички работи и кабинетот на директорот.

Бидејќи секојдневното работење укажува дека бројот на предвидените и преземени државни службеници во овие организациони единици е повеќе од потребниот број за извршување на надлежностите на овие организациони единици, а заради правилно искористување на човечките ресурси, потребно е одделни вработени со статус на државни службеници да бидат прераспоредени на место со статус на царински службеник, каде што ќе можат да дадат придонес за извршување на надлежностите на Царинската управа.

Со оглед на фактот дека Царинската управа има потреба од пополнување на работни места кои се со статус на царински службеник, а кои се директно вклучени во остварување на основните надлежности на Царинската управа од една страна, а од друга страна во Царинската управа работат вработени кои се со статус на државни службеници кои целосно како човечки ресурси не се искористени во процесот на работа, се предлага создавање на правна можност за распоредување на вработен кој нема статус на  царински службеник на работно место со статус на царински службеник.

Комисијата со седум гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи дека овој Предлог на закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

-  По Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2011 година, воведно образложение даде претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, г. Климе Попоски.
Тој истакна дека основна цел на Агенцијата за супервизија на осигурување е заштита на интересите на осигурениците преку обезбедување на стабилен пазар на осигурување.

Со своите законски надлежности Агенцијата за супервизија на осигурување  има обврска да спроведува супервизија на сите субјекти на пазарот за осигурување, а како субјекти се јавуваат друштвата за осигурување, осигурително-брокерските друштва, друштвата за застапување во осигурување, Националното биро за осигурување, застапници и брокери.

Исто така има надлежност да донесува подзаконски акти кои што произлегуваат од споменатите закони, да дава дозволи и лиценци, како и изрекување мерки спрема субјектите кои што учествуваат на пазарот на осигурување.

Во текот на 2011 година во областа на регулативата се донесени 18 подзаконски акти и измена на 6 подзаконски акти донесени во 2010 година, се формираа Прекршочна комисија и Комисија за посредување и беа донесени деловници за нивно работење.

Во областа на лиценцирањето издадена е 1 дозвола за основање на ново друштво за осигурување на живот; издадени се 4 лиценци за осигурително-брокерски друштва; 1 лиценца за друштво за застапување; 1 дозвола за нова класа на осигурување; 4 согласности за вршење на функција член на органи на  управување; 16 согласности за изменување на статути на друштвата за осигурување; 14 согласности за извршување на ревизија од страна на друштва за ревизија; 3 согласности за квалификувано учество; 202 лиценци за застапници за осигурување и 196 лиценци за осигурителни брокери.
 
Агенцијата за супервизија на осигурување во текот на 2011 година започна со обука на актуари чие времетраење е 2 години. Агенцијата врши вонтеренска и теренска супервизија и го контролира  работењето на субјектите на пазарот на осигурување.
 Во текот на 2011 година потпишани се меморандуми за соработка со сите домашни регулаторни тела од каде што има странски инвестиции во Република Македонија. Исто така се посвети значајно внимание на јакнење на капацитетот на Агенцијата преку низа обуки на вработените.
 
Комисијата со шест гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување во 2011 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.

- Во образложението на Финансискиот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2011 година, г. Попоски истакна дека 10% од планираните расходи се заштедени и се ставени во резервен фонд. Во делот на приходите тој информираше дека колку што се планирале, толку и се оствариле.

Комисијата со шест гласа „за“ и еден „воздржан“  заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Финансискиот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2011 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.

- Во однос на Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Република Македонија во 2011 година, г. Попоски истакна дека пазарот на осигурување во текот на 2011 година забележува пораст преку најзначајниот индикатор, а тоа е бруто полисираната премија.

Вкупната бруто полисирана премија е зголемена за 5%. Кај неживотното осигурување има пораст од 3%, додека кај животното осигурување пораст од 40%. 

Во однос на капитализираноста, како најзначаен индикатор со кој што се мери финансиската стабилност на друштвата за осигурување, може да се каже дека тие се солидно капитализирани, бидејќи 4,2 е нивото на капитализираност во однос на маргината на солвентност, а тоа е минимално потребниот капитал.

Во однос на вкупните средства на друштвата за осигурување, се забележува пораст од околу 8% како резултат на развојот на друштвата за осигурување. Ако се разгледува финансискиот резултат на ниво на индустрија во 2011 година, констатирана е загуба од 73 милиони денари и ова се должи на загубата на две друштва за осигурување.

Комисијата со шест гласа „за“ и еден „воздржан“ заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Република Македонија во 2011 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија на осигурување.

- По Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија во 2011 година, воведно образложение даде претседателот на Комисијата, г-ѓа  Марина Наќева-Кавракова.

Таа истакна дека најголеми приоритети на Комисијата во 2011 година биле создавање на регулиран, транспарентен и развиен пазар на хартии од вредност чиј висок интегритет е гарант за довербата на сите учесници на пазарот  на капитал, потоа заштита на правата и интересите на инвеститорите, а особено на малцинските инвеститори на пазарот на капитал, што претставува основен услов за подобрување на инвестициската клима во Република Македонија.

Во 2011 година Комисијата го насочила своето внимание кон директен мониторинг на реализацијата на тргувањето на Берзата и вршење на посредна и непосредна контрола на работењето на членките на Берзата во функција на откривање и санкционирање на преземените забранети дејствија од страна на пазарните и овластени учесници.

Обезбедувањето на поголема транспарентност на акционерските друштва со посебни обврски за известување е една од  стратешките цели на Комисијата за хартии од вредност, што беше наведено во Стратегијата за спроведување на Законот за хартии од вредност во периодот 2007/2012 година.

Во делот на меѓународната соработка, Комисијата соработувала со повеќе регулатори од регионот и активно учествувала во работата на Меѓународната организација на Комисиите за хартии од вредност, Европскиот регионален комитет и Комитетот за пазарите во развој.  
                                   
Комисијата со шест гласа „за" и еден „воздржан" заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниот заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија за 2011 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достави до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.

- Воведно образложение по Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2011 година даде заменикот на главниот државен ревизор, г. Насер Адеми.

Тој истакна дека работењето на Државниот завод за ревизија во 2011 година се остварувало согласно новиот Закон за државната ревизија, донесен во 2010 година, кој обезбеди солидна основа за натамошно јакнење на оперативните капацитети, функционална и финансиска независност на Државниот завод за ревизија согласно Декларациите од Лима и Мексико.

Новата организација и систематизација на Државниот завод за ревизија од февруари 2011 година е резултат на усогласувањето со Законот за државни службеници и истата овозможила прегрупирање на субјектите на ревизија, а со тоа и порационална распределба на внатрешните ресурси.

Ефектот од овие промени е зголемување на бројот на ревизии на успешност, поголем опфат на субјекти за ревизија и зголемен број на ревизори вклучени во овој вид на ревизии.

Посветено е значително внимание на функцијата осигурување квалитет на ревизиите, спроведување на препораките преку follow-up ревизии, професионално обучување и етичката надградба на вработените.

На меѓународен план, Државниот завод за ревизија го зајакнал своето присуство со вклучување во работата на повеќе работни тела поврзани со реализацијата на Стратегискиот план на ЕУРОСАИ 2011-2017 и промовирање на етиката и интегритетот кај ВРИ и институциите во јавната администрација.

Приоритет на ДЗР за наредниот период е финализирање на иницијативата на пратениците од февруари 2011 година во Собранието на Република Македонија за дополнување на Уставот на Република Македонија, со што Државниот завод за ревизија ќе се дефинира како независна институција за надворешна ревизија во Република Македонија и реафирмирање на комуникацијата со Собранието, со цел подобро разбирање на ревизорските извештаи и соработка по угледот на европската пракса.

Во 2011 година извршени се 77 ревизии, од кои 70 ревизии на финансиски извештаи, заедно со ревизии на усогласеност и 7 ревизии на успешност.

  • Врз основа на расправата, Комисијата со шест гласа „за” и еден „воздржан” заклучи да му предложи на Собранието да ги усвои следните Заклучоци:

1. Собранието на Република Македонија го рагледа и го усвои Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2011 година;

2. Собранието констатира дека Државниот завод за ревизија своите активности ги извршува согласно надлежностите предвидени во Законот за државната ревизија кој е усогласен со стандардите и критериумите на Европската Унија и со Мексико Декларацијата за независност на врховните ревизорски институции;

3. Собранието исто така констатира дека Државниот завод за ревизија како независна ревизорска институција врши ревизија на јавните приходи и расходи во согласност со ревизорските стандарди на Меѓународната организација на врховните ревизорски институции и навремено и објективно го информира Собранието, Владата, другите носители на јавни функции и јавноста за ревизорските наоди од извршените ревизии, што воедно е и приоритетна обврска дефинирана во Стратегијата на Државниот завод за ревизија  2010-2014 година;

4. Со оглед на тоа што Државниот завод за ревизија во ревизорските извештаи констатирал голем број на наоди особено по однос на неусогласеност со законска регулатива и прописи и наоди кои се однесуваат на користење на средствата спротивно на законските прописи, Собранието смета дека е потребно Државниот завод за ревизија  во рамки на неговата надлежност да придонесува за подобрување на ваквата состојба, имајќи ги предвид препораките по ревизорските извештаи;

5. Иако процентот на постапување по препораките од страна на субјектите кои биле предмет на ревизија е висок, Собранието цени дека е потребно континуирано следење на спроведување на препораките од страна на Државниот завод за ревизија со користење на различни пристапи за прибирање на информации за преземени мерки по дадените препораки;

6. Заради навремено откривање на отстапувањата од прифатените стандарди и повреда на принципите на законитост, ефикасност, ефективност и економичност во раководењето со јавните средства, Собранието смета дека Државниот завод за ревизија треба да упатува  јасни препораки до субјектите корисници на јавните средства за преземање на активности со цел отстапувањата и повредите во иднина да се спречат;

7. Овие заклучоци заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија.

Click