Активности



Вторник, 31 јули 2012 година

Триесет и петта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Триесет и петтата седница, одржана на 20 јули 2012 година, како матично работно тело ги разгледа Годишниот извештај за работењето на Народната банка на Република Македонија во 2011 година и Извештајот на Народната банка на Република Македонија за банкарскиот систем на Република Македонија во 2011 година.

На седницата на Комисијата, присуствуваше гувернерот на Народната банка  на  Република Македонија, г. Димитар Богов, кој ги презентираше Извештаите за 2011 година и истовремено, согласно член 40, став 2 од Законот за Народната банка на Република Македонија, ја информираше Комисијата во врска со прашањата од монетарната политика и финансискиот систем и состојбата на економијата во изминатиов период од 2012 година.

Тој истакна дека основна карактеристика за 2011 година се различните движења и осцилации во првата и втората половина од годината. Основна причина за тоа е влијанието на меѓународното опкружување. Последиците од светската економска и должничка криза се почувствуваа и во нашата земја, која како отворена економија не можеше да ги одбегне надворешните влијанија.

Во првата половина од 2011 година глобалната економска активност продолжи да бележи раст, но со забавена динамика. Глобалниот економски раст во 2011 година изнесуваше 3,8%, наспроти 5,2% во 2010 година. Просечната инфлација во глобални рамки се зголеми и достигна ниво од 5%, во споредба со 3,7% во претходната година.

Основна причина за ваквите инфлациски остварувања е растот на цените на храната, нафтата и металите, што се одрази врз цените на овие производи и во нашата земја.

Во втората половина од годината цените почнаа да се стабилизираат и тоа пред сè поради намалувањето на побарувачката во услови на различни очекувања за движењата на глобалната економска активност.

Како резултат на пораст на светските цени на енергенсите и храната, но и поради зголемувањето на домашните регулирани цени, инфлацијата во мај 2011 година го достигна максималното ниво од 5,2%.

Со намалување на глобалните инфлациски притисоци и преземањето на административни и даночни мерки, домашната инфлација во втората половина од годината започна да забавува и достигна ниво од 3,4%.

Забавувањето на економската активност кај поголемиот дел од најзначајните трговски партнери на Република Македонија се одрази на забавување на странската ефективна побарувачка за македонски производи. Во 2011 година таа оствари минимален раст од 0,1%, наспроти 0,6% во 2010 година.

Македонската економија продолжи да закрепнува во 2011 година. Реалниот раст на БДП изнесуваше 3%, што претставува  двојно повисок раст во однос на претходната година кога истиот изнесуваше 1,8%. Остварената стапка на раст главно произлезе од растот од 5,2% во првата половина на годината.

Во втората половина на годината, како резултат на влошување на макроекономските трендови, повторното актуелизирање на должничката криза во евро-зоната и новиот бран на неизвесност, економскиот раст забави и изнесуваше 1,2%. 

Покрај сите осцилации, на крајот на 2011 година девизните резерви забележаа раст на годишна основа и достигнаа историски највисоко ниво од 2.069 милиони евра.
        
Бруто надворешниот долг  во 2011 година достигна ниво од 4.874,8 милиони евра или 66,7% од БДП.

На крајот на 2011 година нето-задолженоста на македонската економија се намали за 22,6% и изнесуваше 960,1 милион евра  или 13,1% од БДП.

Во 2011 година беа направени одредени промени во поставеноста на монетарната политика од аспект на монетарните инструменти и прудентните барања кон банките.

НБРМ воведе нов инструмент – запис за шестмесечен депозит, кој е од претпазлив карактер и е насочен кон поддршка на финансиската стабилност на земјата.

НБРМ донесе одлука за промени во поставеноста на монетарниот инструмент задолжителна резерва, при што банките се ослободуваат од издвојување на задолжителна резерва за обврските кон физичките лица за орочени депозити со договорна рочност над две години, како и на обврските врз основа на репо-трансакции во денари.

Оваа измена е во насока на  стимулирање на долгорочното штедење од страна на физичките лица и поттикнување на развојот на репо-пазарот, како сегмент на пазарите на пари.

Во текот на 2011 година беа направени промени во управувањето со ликвидносниот ризик на банките, со што се изврши олабавување на условите за исполнување на пропишаното минимално ниво на ликвидност на банките.

Претпазливиот карактер на фискалната политика беше задржан и во текот на 2011 година, со одржување на стабилен и релативно низок буџетски дефицит и релативно ниско ниво на јавен долг, кој бележи незначителен раст. Во 2011 година  вкупниот буџетски дефицит изнесуваше 2,6% од БДП и не отстапуваше од проектираните рамки. Потребата за финансирање на дефицитот услови умерен раст на јавниот долг на ниво од 28,6% од БДП.

Во 2011 година забележан е раст на монетарните и кредитните агрегати и на вкупната парична маса која забележа годишен пораст од 9,7%. Депозитниот потенцијал на банките продолжи да се зголемува и достигна ниво  од 10,6%. 

Најголем придонес во создавањето депозитна база имаше штедењето на населението, а анализата на валутната структура упатува на зголемени склоности за штедење во домашна валута, односно засилување на процесот на „денаризација”. Овој процес особено се засили кон крајот на годината како резултат на ескалацијата на должничката криза во евро-зоната, што доведе до зголемено претворање на депозитите од евра во денари.

Во текот на 2011 година, банките продолжија да ја зголемуваат кредитната поддршка на домашната економија. На крајот на годината, кредитите одобрени на приватниот сектор беа 8,5%, наспроти 7,1% во претходната година. Банкарскиот сектор во 2011 година беше стабилен, но со забележително зголемување на кредитниот ризик кај банките.
      
Банкарскиот систем во Република Македонија во 2011 година го сочинуваат 17 банки и 8 штедилници. Бројот на банките е намален за една банка, како резултат на присоеднувањето на „Статер банка” АД Куманово кон „Централна кооперативна банка” АД Скопје.  Странските вложувања во банкарскиот сектор, во текот на 2011 година се зголемија за 2.037 милиони денари и изнесуваат 4.765 милиони денари.

Во 2011 година умерено се забрза растот на кредитната активност на банките. Сè уште присутната воздржаност на банките за кредитирање, главно во втората половина од 2011 година е поврзана со должничката криза во евро-зоната и неизвесноста во однос на закрепнувањето на домашната економска активност.

Значајна детерминанта на идната кредитна активност, во услови на стабилни домашни извори на финансирање на банките, е квалитетот на проектите за кои се бара кредитна поддршка. Растот на нефункционалните кредити е потврда дека се уште постојат ризици кои се главно детерминирани од неизвесноста во врска со темпото на домашната економска активност и странската побарувачка.

Од друга страна, се засилуваат активностите на банките за унапредување на системот за управување со кредитниот ризик уште при самото одобрување на кредитната изложеност, што претставува неминовен фактор за квалитетот на кредитното портфолио.

Во текот на 2011 година, банките ја одржуваа својата ликвидност на задоволително ниво. Ликвидните средства забележаа раст на годишна основа, но со извесно забавување, споредено со 2010 година.

Одржувањето стабилна и висока ликвидносна позиција, како и зголемениот кредитен ризик во текот на 2011 година, доведоа до намалување на профитабилноста на банкарскиот систем.  Добивката прикажана на крајот на годината е за половина помала од остварената во претходната година.

Управувањето со девизните резерви, што е една од основните функции на Народната банка, продолжи и во услови на нестабилност на финансиските пазари, преку одржување на стабилна инфлација и стабилен фиксен курс на денарот во однос на еврото.

Во  2011 година  Народната  банка започна со склучување репо-трансакции со странски комерцијални банки, односно трансакции на зајмување хартии од вредност, преку истовремено склучување репо и обратни репо-трансакции, при што како обезбедување на зајмените хартии се добиваат хартии од вредност што ги задоволуваат критериумите за инвестирање на девизните резерви.

Трансакциите за позајмување хартии од вредност претставуваа инвестициска можност за користење на портфолиото на хартиите од вредност за обезбедување дополнителни приходи.
      
На крајот од воведното излагање, гувернерот истакна дека сè уште постои висока неизвесност околу ефектите од кризата врз глобалната економија; ефектите врз македонската економија, како мала и отворена економија, ќе зависат пред сè од силината на кризата што ќе ги погоди нашите најзначајни трговски партнери. Сепак, не се очекува дека евентуалните негативни последици ќе имаат толку силен интензитет, како оној на почетокот на глобалната криза.       

Во претресот учествуваа пратениците: Марјанчо Николов, Миле Андонов, Стојко Пауновски и Владанка Авировиќ.

Комисијата едногласно го усвои следниот заклучок:

  • Комисијата за финансирање и буџет го разгледа Годишниот извештај за работењето  на Народната Банка на Република Македонија во 2011 годинa и  Извештајот на Народната Банка на Република Македонија за банкарскиот систем на Република Македонија во 2011 година.
Click