Активности



Четврток, 26 јули 2012 година

Триесет и шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Триесет и шестата седница, одржана на 24 јули и првото продолжение на 25 јули 2012 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за издавање на вредносни бонови-ваучери (по скратена постапка);
  2. Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 1 - делница Куманово - Бељаковце“ (по скратена постапка);
  3. Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за проектот „Модернизација на блок 2 и блок 3 во ТЕ Битола“, кој ќе се склучи меѓу Дојче банка и АД ЕЛЕМ (по скратена постапка).
    Воведно образложение по Предлог-законите дадоа г-ѓа Марта Арсовска-Томовска, заменик на министерот за информатичко општество и администрација и г. Недим Рамизи, заменикот на министерот за финансии.

- Во однос на Предлогот на закон за издавање на вредносни бонови–ваучери, заменик-министерот за информатичко општество истакна дека со Законот се предлага издавање на вредносни бонови-ваучери за обезбедување на компјутери за редовните студенти од социјално загрозените семејства кои за прв пат се запишани во завршната година на студии, како и  за студентите кои се евидентирани како лица со посебни потреби.

Вредносните бонови-ваучери ќе се издаваат во номинална вредност од 15.500 денари и за спроведување на Законот ќе бидат потребни вкупно 46.500.000 денари, кои се обезбедени во Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација.

На седницата на Комисијата имаше изнесени предлози за поднесување на амандмани, но претставникот на Владата не се согласи со овие предлози, а Комисијата не ги усвои бидејќи не ги добија потребните број гласови.

- Заменик-министерот за финансии по Предлогот на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 1 - делница Куманово - Бељаковце“, истакна дека со воспоставување на овој Коридор ќе се развие систем на превоз што ќе придонесе кон зголемување на трговската размена меѓу Албанија, Македонија и Бугарија, односно подобрување на приодот и поврзување со соседните земји, во функција на подобрување на конкурентноста и развојот на економијата и комуникацијата со европските земји.

Со рехабилитацијата на оваа делница ќе се придонесе кон намалување на  трошоците за нејзино одржување и обезбедување на сигурен сообраќај, односно кон подобрување на безбедноста при транспорт на луѓе и добра, заштеди во време, како и еколошки придобивки.

Потребните средства за реализација на оваа инвестиција изнесуваат 46.400.000 евра. Истите ќе бидат обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Заемот ќе се отплаќа со средства од Буџетот на Република Македонија.
Дополнително, за реализација на предвидените активности, Министерството за транспорт и врски треба во својот буџет да обезбеди средства за подмирување на обврските по основ на ДДВ.

Рокот на отплата на заемот од член 1 од овој закон е 15 години, со вклучен грејс период од  четири  години.  Заемот ќе се отплаќа на 22 полугодишни рати, на 20-ти април и 20-ти октомври секоја година, започнувајќи од 20 октомври 2016 година. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%. Каматната стапка се плаќа на годишно ниво.

- Во однос на Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за проектот „Модернизација на блок 2 и блок 3 во ТЕ Битола“, кој ќе се склучи меѓу Дојче банка и АД ЕЛЕМ, г. Недим Рамизи истакна дека  со ревитализација и модернизација на Термоелектраната Битола ќе се намали емисијата на NOx, ќе се продолжи работниот век и ќе се зголеми ефикасноста на електраната.

Позитивен ефект од проектот е спречување на поголем увоз на електрична енергија, со што на подолг рок ќе се обезбеди стабилност на националниот електроенергетски систем и усогласување со ЕУ директивите за ваков тип на постројки.
Потребните средства предвидени за реализацијата на проектот „ изнесуваат 52.096.491,70 евра, при што 85% од вкупната вредност на инвестицијата, односно 44.282.018 евра, ќе бидат обезбедени со заем од Дојче банка, поделен на два дела, соодветно на двата блока кои треба да се ревитализираат. Преостанатите 15% од вкупната вредност на инвестицијата ќе ги обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства.

За реализација на проектот треба да се плати и хермес премија за осигурување на извоз во износ од 2.500.000 евра за делот од заемот за блок 3 и 2.450.000 евра за делот од заемот за блок 2. Премијата целосно ќе биде обезбедена од заемот од Дојче банка. Оттука вкупниот износ на заемот од Дојче банка ќе биде 49.232.018 евра.

Заемопримач ќе биде АД ЕЛЕМ, додека Република Македонија ќе издаде државна гаранција со која ќе го гарантира намирувањето на обврските и исполнувањето на одредбите од Договорот за заем, во рокови и услови предвидени во Договорот.

Заемот од Дојче банка ќе се отплаќа во 24 еднакви полугодишни рати. Отплатата треба да започне 6 месеци по датумот на подготвеност за работа на модернизираниот блок. Каматната стапка е варијабилна, која претставува збир од шестмесечен ЕУРИБОР плус маргина од 1,675% годишно.

  • На крајот од расправата Комисијата едногласно заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на законите и му предлага на Собранието на Република Македонија да ги разгледа и донесе истите.
Click