Активности



Понеделник, 10 септември 2012 година

Триесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Триесет и осмата седница, одржана на 6 септември 2012 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2011 година;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за комуналните такси (прво читање);
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Народната банка  на Република Македонија (прво читање).

- Воведно образложение по Предлог-завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2011 година, даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи, кој истакна дека таа ја рефлектира фискалната политика која се реализирала во изминатата година и степенот на реализирање на утврдените политики и мерки и притоа дава приказ на управувањето со јавните финансии и користењето на истите од корисниците на Буџетот.

Во текот на 2011 година продолжило закрепнувањето во економијата во Република Македонија, регистрирајќи реален раст од 3%. Странските директни инвестиции изнесувале 4.2% од БДП, двапати повисоки во однос на 2010 година.

Исто така, забележани биле позитивни движења на пазарот на трудот, во насока на намалување на стапката на невработеност на 31.4% во споредба со 32% во 2010 година. Нивото на надворешниот долг на државата на крајот од 2011 година изнесува 28.2%.

Вкупните приходи на Буџетот се реализирале во износ од 137.166.000.000 денари, а вкупните расходи се остварени во износ од 148.649.000.000 денари, односно 92.9% од планираните. Од Светската банка обезбедени се 130 милиони евра кои ќе се користат за финансирање на дефицитот во наредната фискална година.

Во текот на 2011 година Владата на Република Македонија редовно ги сервисирала обврските поврзани со исплатата на пензиите во првата недела од месецот, социјалните надоместоци, здравствените услуги од Фондот за здравствено осигурување на јавните здравствени установи и бил реализиран највисок износ на субвенции.

Со шест гласа „за“ и два „против“, Комисијата заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и донесе Завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2011 година.

- Во образложението по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за комуналните такси, заменик-министерот за финансии истакна дека основна цел на предложените измени и дополнувања е да се овозможи висината на комуналната такса за користење на простор за паркирање на патнички моторни возила, товарни моторни возила, автобуси и приколки на јавни паркиралишта, да се утврдува во процентуален износ од цената на наплатената услуга.

Имено, овој вид на комунална такса чија висина согласно постојниот закон е утврдена во апсолутен износ, со предложеното решение се предвидува да се утврдува и наплатува во висина од 10% до 20% од цената која се наплатува за  услугата за користење на просторот за паркирање.

Со предложените изменувања и дополнувања ќе се овозможи континуирана и навремена наплата на комуналната такса за користење на просторот за паркирање која претставува приход на единиците на локалната самоуправа.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Македонија, г. Рамизи истакна дека основна цел на предложените измени и дополнувања е да се овозможи Народната банка на Република Македонија да издава ковани пари за колекционерски цели со различни мотиви, карактеристики и тематски детали, како и копии од пригодните ковани пари, копии од кованите пари во оптек или златни и сребрени изданија.

Кованите пари за колекционерски цели ќе ја збогатат нумизматичката збирка на Народната банка и ќе придонесат за подобро претставување на Народната банка на домашен и меѓународен план. Во голем број земји, вклучително и земјите-членки на Европската унија, централните банки, покрај пригодни ковани пари, издаваат и ковани пари за колекционерски цели.

Комисијата едногласно заклучи дека овој Предлог на  закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click