Активности



Петок, 21 септември 2012 година

Триесет и деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Триесет и деветтата седница, одржана на 18 септември 2012 година, како матично работно тело, во второ читање, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за комуналните такси; 
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Македонија;
  3. Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на добивка, персонален данок на доход и платени обврски кон странски кредитори во траен влог во ЈП МЖ „Инфраструктура“ Скопје.       

Со оглед на тоа што во рокот утврден со Деловникот по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за комуналните такси и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Народната банка на Република Македонија не беа поднесени амандмани, Комисијата едногласно заклучи дека не се исполнети условите за изработка на Дополнет предлог и му предлага на Собранието на Република Македонија да ги разгледа и донесе Предлог-законите.

Воведно образложение по Предлогот на закон за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на добивка, персонален данок на доход и платени обврски кон странски кредитори во траен влог во ЈП МЖ „Инфраструктура“ - Скопје, даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека основна цел на предложениот закон е надминување на проблемите со кои се соочува ЈП МЖ Инфраструктура - Скопје, а кои произлегуваат по основ на данок на добивка за 2009, 2010 и 2011 година,  долг по основ на персонален данок на доход кој датира од 1997 и 1998 година и долг  по основ на платени кредити од страна на државата кон странство во период 2007, 2008, 2009, 2010 и 2011 година, а за кои истовремено се задолжува ЈП МЖ Инфраструктура.

Се предлага претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на добивка, персонален данок на доход и платени обврски кон  странски кредитори во траен влог во ЈП МЖ Инфраструктура Скопје.

Претпријатието подолг временски период не може да ги избалансира приходите со расходите и да обезбеди финансиска стабилност, поради што генерира постојани загуби.

Надоместокот за пристап кон железничката инфраструктура го плаќа само еден превозник и истиот не може да се зголеми над нивото прифатено од транспортниот пазар, а за покривање на овој расход би требало да се обезбедат средства од Буџетот на Република Македонија.

Ликвидноста на претпријатието е загрозена од неможноста за наплата на побарувањата по основ на надоместок за користење на железничката инфраструктура од МЖ Транспорт АД Скопје, кој е единствен оператор во овој момент и изнесува околу 170 милиони денари. Загубите кои се генерираат на годишно ниво индиректно го намалуваат капиталот, кој пак е сопственост на државата.

Согласно измените и дополнувањата во Законот за данок на добивка во 2009 година данокот на добивка се плаќа на непризнати расходи во даночниот биланс. Во претпријатието речиси целиот износ (99%) на непризнаен расход во даночниот биланс за 2009 2010 и 2011 година е разликата меѓу книговодствената и проценетата амортизација. За овој расход не е потребен одлив на парични средства што всушност претставува нереално зголемување на основицата за пресметување на данокот на добивка.

Со новите измени на Законот за данок на добивка (април 2011 година) во пресметката на данокот на добивка изземен е ефектот на разликата меѓу книговодствената и проценетата амортизација, со што проблемот е системски надминат. Неисплатената обврска по основ на данок на добивка за наведениот период изнесува 105,8 милиони денари. Обврската по основ на персонален данок на доход датира од 1997 и 1998 година и изнесува 97 милиони денари по основ на главница и  560 милиони денари по основ на камата.

Претпријатието има неизмирени обврски и по основ на кредити кон Министерството за финансии и заклучно со  31 мај 2012 година истиот изнесува 189 милиони денари.

Бидејќи претпријатието не може од свои средства да ги сервисира обврските по основ на кредити кон странските финансиски институции, Министерството за финансии доспеаните обврски за ануитети по кредити ги сервисира редовно, а го задолжува претпријатието со истиот износ во денарска противвредност.

Доспеаните обврски по кредит кон Агенцијата за државни патишта се по основ на користени средства од Заемот 4859-МК склучен меѓу Република Македонија и Светската Банка за Проектот ТТФС 2. 

ЈП МЖ „Инфраструктура“ има склучено договор со Агенцијата за државни патишта, со кој се обврзува  средствата за исплата на обврските по основ на главница, камата и други трошоци за својот дел од заемот да ги обезбедува и плаќа кон Агенцијата навремено и  во утврдени рокови.

Претпријатието се соочува со недостиг на средства и неисплатената обврска спрема Агенцијата на државни патишта изнесува околу 2 милиони денари.  

Со претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на данок на добивка, персонален данок на доход и платени обврски кон странски кредитори во траен влог во  ЈП МЖ Инфраструктура Скопје, ќе се овозможи финансиска консолидација на претпријатието и ќе се обезбеди сигурен и безбеден начин на одвивање на патнички и товарен сообраќај  во Република Македонија.
                                                   
Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Стојко Пауновски, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Ѓорѓи Коџабашиев и г. Миле Андонов.

Комисијата со пет гласа „за“ и два „воздржани“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click