Активности



Понеделник, 29 октомври 2012 година

Четириесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Четириесет и втората седница, одржана на 22 октомври 2012 година, како заинтересирано работно тело ги разгледа:

  1. Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот за данокот на додадена вредност (во прво читање).

Во својство на набљудувачи на седницата на Комисијата, присуствуваа г-ѓа Катерина Кусиванова и г. Андреј Бартошевиќ, претставници на Делегацијата на Европската комисија.

- Излагање по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година, даде заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека Република Македонија продолжи со економскиот напредок и ги исполни економските критериуми за влез во Европската унија, што е констатирано и во Извештајот на Европската комисија.

Република Македонија во 2012 година ја задржа макроекономската стабилност и постигна напредок во олеснувањето на влезот и излезот на пазарот.

Во Извештајот е констатирано дека Република Македонија има постигнато висок степен на усогласеност со законодавството на Европската унија во оваа фаза на пристапниот процес.

Во расправата учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Ромео Тренов, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Стојко Пауновски, г. Миле Андонов и г. Самка Ибраимоски.

Комисијата во расправата по Извештајот претежно се осврна во делот на поглавјата кои се во нејзина надлежност: Слободно движење на капиталот; Јавните набавки; Финансиските услуги; Оданочувањето; Економската и монетарната политика; Царинската унија; Финaнсиската контрола и Финансиските и буџетските одредби.   

Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да го разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година.

- Во воведното образложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот за данокот на додадена вредност, заменик-министерот Рамизи истакна дека целта на предложените измени и дополнување е донесување на одредба со јасно утврдени критериуми врз основа на кои даночниот обврзник може да утврди дали може да примени ослободување на својот промет во рамки на извршувањето на културна дејност, кога таа претставува активност што е од национален интерес. 

За остварување на наведената цел, се предлага точката 8 од членот 23 на Законот да се замени со одредба со која се пропишува ослободување од данок на додадена вредност на прометот од установите што вршат дејност од областа на културата со непрофитна цел за културните услуги и добра непосредно поврзани со тие услуги во согласност со прописите од областа на културата и прометот од ботанички градини, животински паркови, паркови, архиви и документациони центри.

Исто така, се предлага во членот 23 да се додаде нова точка 8-а со која ќе се пропише ослободување од данок на додадена вредност на прометот на влезници за јавни настани кои се од национален интерес од областа на културата, а кои јавни настани како такви се утврдени и се финансираат преку Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за годината во која се одржува јавниот настан донесена од Министерство за култура.

За примена на ослободувањето, потребно е даночниот обврзник пред да започне со прометот на влезниците, да обезбеди документ од Министерство за култура со кој се потврдува дека јавниот настан за кој се бара даночно ослободување е утврден во Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата.

Целта за изменување и дополнување на Законот за данок на додадена вредност е и усогласување на Законот за данок на додадена вредност со одредбите од Царинскиот закон кои се однесуваат на ослободувања при увоз на добра.

Измените и дополнувањата се во насока да се ослободат при увоз од плаќање на данок на додадена вредност државјани на Република Македонија и странски државјани, за предмети од некомерцијална природа со мала вредност испратени од странство од физички лица.

Ова ослободување не се однесува на тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни пијалаци, како и на парфеми и тоалетни води, како и ослободување од данок на додадена вредност при увозот на пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност.

Цел на предложените измени и дополнување на Законот за данок на додадена вредност е и трајна примена на повластена стапка на данок на додадена вредност за прометот и увозот на: машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери), термални сончеви системи и компоненти, како и на прометот на услуги на: софтвер за машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери).

Ваквите мерки се во функција на зголемување на квалитетот на информатичката технологијата и информатичкото образование, поголема достапност на истите до консументите, како и овозможување на поголемо користење на сончевата енергија како алтернативен извор на енергија, со што директно ќе се влијае на намалување на потрошувачката на електричната и на другите извори на енергија, како и  врз заштитата  на животната средина.

Во претресот учествуваа пратениците: г. Марјанчо Николов, г. Стојко Пауновски и г. Миле Андонов.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е прифатлив и може да се на натамошно читање.

Click