Активности

Петок, 22 јуни 2012 година, Бечиќи, Црна Гора
 
Работилница за улогата на националните парламенти во процесот на преговори со ЕУ
 
Делегација на Собранието на Република Македонија во состав: претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини и пратениците г-ѓа Владанка Авировиќ и г-ѓа Билјана Казанџиска, вчера и денеска учествуваат на работилница на тема „Улогата на националните парламенти во процесот на преговори со Европската унија“, во организација на Парламентот на Црна Гора и на Европскиот парламент, што се одржува во Бечиќи, Црна Гора.

На работилницата на која учествуваат претставници на парламентите на земјите од Западен Балкан свое обраќање имаа претседателот на Комисијата за надворешни работи и евроинтеграции на црногорскиот парламент, г. Миодраг Вуковиќ, како и европратениците Едуард Кукан и Ласло Сурјан.

Во расправата учесниците имаа свои излагања во врска со потребните подготовки на парламентите за пристапни преговори и во тие рамки развојот на потребните административни структури и капацитети за поддршка на овој процес.

Во врска со темата, македонската делегација се осврна на актуелните случувања во Република Македонија во врска со процесот на евроинтеграции, при што посебно беше потенцирано значењето на почетокот на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Скопје и Брисел, како и заклучоците усвоени на вториот Пристапен дијалог одржан на 7 мај годинава во Скопје.

Нагласено беше дека Владата на Република Македонија работи на исполнувањето на потребните реформи за поглавјата 23 и 24 (Правосудство и фундаментални права и Правда, слобода и безбедност) со цел на следниот состанок што ќе се одржи во септември, да бидат испорачани конкретни резултати.

Исто така, во излагањата стана збор и за надзорната улога на Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-РМ и Националниот совет за евроинтеграции, врз евроинтегративните процеси во земјата.
Click