Активности



Вторник, 25 септември 2012 година

Четириесетта  седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Четириесеттата  седница  одржана денеска, како матично работно тело го разгледа:

  • Предлогот  на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за Проектот „Набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД-Скопје“ кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој  и МЖ Транспорт АД-Скопје (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на  закон даде  заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна основна цел на предложениот закон е потребата за обновување и подобрување на постојната состојба на возните средства со кои тековно располага МЖ Транспорт АД -Скопје. Со обновувањето и реконструкцијата на возните средства ќе се  создадат услови за поквалитетни услуги за превоз на стока по поволни услови, со што ќе се унапреди конкурентноста на МЖ Транспорт АД -Скопје. Во услови на светска економска криза МЖ Транспорт се бори да опстане на пазарот преку нудење на услуги за превоз на стока по поволни услови.  Потребите за превоз на патници и стока во Република Македонија се далеку поголеми од сегашните капацитети со кои располага МЖ Транспорт АД -Скопје. Ова се темели на резултатите од неодамна изработената Студија за подобрување на продуктивноста и намалување на цената на чинење (2007-2008), во која дадени се препораки во период до 2013 година да се обнови дел од возниот парк на друштвото, со цел да се задржи и зголеми постојниот обем на сообраќај.

Во рамки на Проектот „Набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД-Скопје“ ќе се изврши набавка на четири дизел-моторни троделни патнички гарнитури, две троделни патнички електро-моторни гарнитури, реконструкција на 5-6 електро локомотиви и 150 товарни вагони од различни типови. Потребните средства за реализација на проектот изнесуваат 50.000.000 евра и истите ќе бидат обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој. Дополнително, Европската банка за обнова и развој ќе обезбеди грант средства во вкупен износ од 1.761.000 евра, наменети за спроведување на Програмата за енергетска ефикасност.

Средствата ќе бидат наменети за подготовка на систем за управување со безбедност; подготовка и имплементација на програмата за институционално зајакнување и за помош на Единицата за имплементација на проектот (ЕИП). Република Македонија го гарантира намирувањето на обврските и исполнувањето на одредбите од Договорот за заем, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и МЖ Транспорт АД-Скопје за финансирање на Проектот „Набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД-Скопје“ во износ од 50.000.000 евра, во рокови и услови предвидени во Договорот за заем, доколку МЖ Транспорт АД-Скопје не ги исполнува и сервисира обврските од Договорот за заем. Заемот ќе биде доделен на МЖ Транспорт АД-Скопје со рок на отплата од 15 години, вклучен грејс период од три години и 6 месеци. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1%. Каматата ќе се плаќа полугодишно.

Заемот ќе се отплаќа на 23 полугодишни рати, секој 20 март и 20 септември во годината. Согласно прописите на Европската банка за обнова и развој, МЖ Транспорт АД- Скопје како заемобарател има обврска да ѝ плати на Европската банка за обнова и развој  еднократна провизија во износ од 1% од износот на заемот, односно 500.000 евра, кои ќе бидат исплатени со средства од заемот. За износот на неповлечените средства од заемот на Европската банка за обнова и развој ќе и се плаќа провизија во висина од 0,5% од износот на неповлечените средства од заемот. Провизијата на неповлечените средства ќе се плаќа на годишно ниво. Сервисирањето на заемот ќе го врши МЖ Транспорт АД-Скопје од приходите кои ги остварува, во рокови и услови утврдени во Договорот за заем.

Во претресот  учествуваа пратенците: г. Марјанчо Николов,  г. Драган Цукле, г.  Стојко Пауновски и г-ѓа Владанка Авировиќ.

На крајот од расправата Комисијата едногласно заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија не се исполнети условите за подготовка на Дополнет предлог на закон и му предлага на Собранието на Република Македонија да го разгледа и донесе Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за Проектот „Набавка на нови влечни и влечени средства во МЖ Транспорт АД-Скопје“ кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој  и МЖ Транспорт АД-Скопје.

 

Click