Активности



Среда, 31 октомври 2012 година

Четврта седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија, на Четвртата седница, одржана на 24 октомви 2012 година, го разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година, во делот 2.2. Човекови права и заштита на малцинствата.

Седницата ја отвори и со неа претседаваше, г. Орхан Ибраими, заменик-претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

На седницата присуствуваа: г-ѓа Елена Грозданова и г-ѓа Мабера Камбери, претставници од Министерството за труд и социјална политика; г-ѓа Сања Барлаковска и г. Воислав Стојановски, претставници од Хелсиншкиот комитет; г-ѓа Виолета Јанковска, државен секретар од Министерството за внатрешни работи; г-ѓа Форуг Фојузат и г. Илија Талев, претставници од УНИЦЕФ и г-ѓа Анета Станчевска, помошник на министерот за Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи.

Во обемната дискусија по Извештајот во делот 2.2. Човекови права и заштита на малцинствата за 2012 година, учествуваа: заменик-претседателот на Комисијата, г. Орхан Ибраими; пратениците: г-ѓа Сузана Салиу, г-ѓа Лилјана Кузмановска, г. Јордан Пачков и г-ѓа Весна Бендевскa; г-ѓа Елена Грозданова од Министерството за труд и социјална политика; г. Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет и г-ѓа Анета Станчевска од Министерството за внатрешни работи.

По завршувањето на дискусиите, беа предложени и едногласно усвоени следниве Заклучоци:

  1. Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот смета дека оценките и забелешките содржани во Извештајот во делот 2.2. Човекови права и заштита на малцинствата се одраз на реалните постигнувања во Република Македонија;
  2. Комисијата му предлага на Собранието на Република Македонија да донесе заклучок со кој ќе ги задолжи надлежните институции со целиот свој капацитет да се ангажираат околу надминувањето на нотираните забелешки во однос на почитувањето на човековите права и заштитата на малцинства;                
  3. Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот ја прифаќа повторената препорака на Европската комисија за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската унија како поттик за продолжување на реформите во Република Македонија.                                                                 


Click