Активности

Среда, 9 мај 2012 година

Ден на Европа

Денешниот ден, 9 мај, е Ден на Европа, ден на кој се одбележува 62-годишнината од Декларацијата на Роберт Шуман, што всушност претставува темел на она што е денеска Европската унија. Овој ден претставува можност за потсетување на постигнувањата на ЕУ и повод да се потенцираат европските цели: мир, слобода, просперитет и заедничка работа.

На 9 мај 1950 година тогашниот француски министер за надворешни работи, г. Роберт Шуман, предложил нов облик на политичка соработка во Европа, со формирање на Европска заедница за јаглен и челик.

„Европа нема да се изгради одеднаш или според еден единствен план, туку преку конкретни постигнувања, кои најпрво ќе креираат фактичка солидарност“ – стои во Шумановата декларација.

На Самитот на ЕУ во Милано 1985 година е решено 9 мај да се одбележува како Ден на Европа, ден што е повод за зближување на европските народи и институции.

Денот на обединета Европа со низа активности се одбележува секаде низ Стариот континент, па и во Република Македонија, како земја-кандидат за членство во големото европско семејство.
Click