Активности

Вторник, 6 март 2012 година

Деветта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Деветтата седница, одржана на 1 март 2012 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за трговските друштва (прво читање), поднесен од пратеничките групи на СДСМ, НСДП и ЛП и ПЕИ и СЛ.

Во својство на претставник на предлагачот, образложение даде членот на Комисијата, г. Миле Андонов. Беше истакнато дека предложените измени се во два члена.

Во првиот член се предлага измена на членот 500, став (7) во Законот за трговските друштва и истиот да гласи, во годишниот извештај за работењето на друштвото од ставот (5) на овој член се наведува идентитетот на сите физички и правни лица кои имаат учество во основната главнина. Во извештајот се наведуваат и измените ако се случиле во текот на една година.

Втората измена е овој закон да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија.

Предложените измени се предлагаат заедно со одреден број на пакет закони и истите се со сродна природа и меѓусебно поврзани. Предложените измени предвидуваат и обезбедуваат зголемена транспарентност и намалување на можноста на злоупотреба.

Пратеникот Миле Андонов истакна дека со новата должничка криза, којашто започна при крајот на 2011 година, која што се чувствува и врз македонското стопанство, одредените измени се предлагаат токму кај овој начин на работа на трговските друштва во Република Македонија кои имаат, односно купуваат и продаваат акции на берзата, а кои се регистрирани преку Комисијата за хартии од вредност, едноставно да се прошири опфатот, односно лепезата на сите акционери, не само на оние кои поседуваат над 5% учество во одредени акционерски друштва, туку и на сите оние кои имаат помалку од 5% акционерско учество во уделот на едно претпријатие или трговско друштво.

Транспарентноста се предлага заради намалување на можноста, бидејќи одредени физички лица поседуваат акции во одредени фирми кои котираат на пазарот на хартии од вредност преку берзата и Комисијата за хартии од вредност.

Од тие причини во Република Македонија треба јавно и транспарентно да се отпочне да се објавуваат сите акционери, односно и оние кои поседуваат помалку од 5% акции, односно удел во одредени фирми.

Членот на Комисијата за економски прашања, г. Миле Андонов, ја посочи Комисијата за хартии од вредност и истакна дека истата работи со загуба неколку години наназад.

Имајќи ги предвид приходите коишто Комисијата за хартии од вредност ги остварува произлегуваат од прометот којшто се остварува на берзата, претходните неколку години, покрај намалениот промет произлезен поради огромниот пад на интересот на физичките и правите лица во Република Македонија да учествуваат во берзанскиот промет, истото се отсликува и кај работата на оваа Комисија.

Пратеникот Миле Андонов истакна дека кога граѓаните на Република Македонија ќе имаат јасна претстава, којашто со необјавувањето на акционерите коишто имаат удел помал од 5%, ќе се увиди колку се намалени прометот, раздвижувањето и обртот на купување и продавање на акции во фирмите кои котираат на македонската берза.

Беа потенцирани неколку земји од регионот кои ги донесоа ваквите измени и истите ги спроведоа, односно акционерите коишто нивниот удел е помал од 5% во одредени компании се објавуваат транспарентно на листата во домицилната берза на акции, односно во Комисијата за хартии од вредност.

На крајот на образложението на Предлогот на закон за изменување на Законот за трговските друштва, пратеникот Миле Андонов побара поддршка и во Република Македонија да дојде до ваква измена, односно создавање услови за раздвижување на капиталот.

Во претресот по Предлог-законот учествуваа, заменик-претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, членовите: г. Марјанчо Николов, г. Драган Цуклев и г. Стојко Пауновски и пратениците: г-ѓа Радмила Шекеринска и г. Миле Пачемски.

Комисијата за економски прашања со мнозинство гласови заклучи дека врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, овој Предлог на закон не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.
Click