Активности



Среда, 15 февруари 2012 година

Деветта седница на Комисијата за здравство

Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија на 9. Седница, одржана на 10 февруари 2012 година, како матично работно тело во прво читање, ги разгледа:

  • Предлогот на Законот за здравствената заштита;
  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување (прво читање).

На седницата присуствуваа претставниците на Владата на Република Македонија, министерот за здравство, г. Никола Тодоров, заменик-министерот за здравство, г. Јовица Андовски и повереникот, г. Стојанчо Стојковски, раководител на Сектор во Министерството за здравство.

Заменик-министерот за здравство, во образложението  истакна дека донесувањето на Закон за здравствената заштита е како резултат на повеќекратното менување на законодавството во оваа област и актуелните потреби и показатели за состојбите во здравството воопшто.

Со овој закон се уредуваат системот и организацијата на здравствената заштита, вршењето на здравствена дејност, вработување, евалуација на здравствените работници, коморите и здруженијата и др.

Беше речено дека во подготовката на предложениот закон биле консултирани и побарани мислења, предлози и забелешки од коморите, здруженијата и другите релевантни субјекти од здравствената област. Добар дел од забелешките се вградени во текстот на Законот, а дел од забелешките кои не се прифатени со аргументи ќе се разговара за истите.

Пред почетокот на расправата по Предлогот на Законот за здравствена заштита, на предлог на претседателот на Комисијата за здравство, беа поделени Предлог-заклучоци од Јавната расправа по Предлогот на Законот за здравствената заштита. Комисијата со 4 гласа „за“ и 6 „против“ не ги усвои Предлог-заклучоците. 

Во расправата учествуваа пратениците: г. Менде Диневски, г. Андреј Петров, г. Јордан Пачков, г. Миле Пачемски, г-ѓа Весна Пемова, г. Зијадин Села, г-ѓа Станка Анастасова, г. Арбен Љабеништа и г. Неџати Јакупи.

Комисијата за здравство, врз основа на член 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, со 5 гласа „за“ и 4 „против“, констатира дека Предлогот на законот за здравствената заштита е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Што се однесува на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување (прво читање), тој беше повлечен.

Click