Активности



Вторник, 14 февруари 2012 година

Дваесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на Дваесеттата седница, одржана на 8 февруари 2012 година, како матично работно тело, во прво читање, разгледа шест Предлог-закони.

- Воведно образложение по Предлогот на закон за изменување на Законот за данокот на додадена вредност, даде предлагачот, пратеникот Изет Зеќири.

Тој истакна дека основна причина за предлагање на вакво законско решение е ублажување на проблемот на неликвидноста, кој е сè поизразен во македонското стопанство. Со измените се предлага данокот на додадена вредност да се плаќа според наплатената реализација, а не според фактурираната реализација, како што е утврдено со постојното законско решение.

Се предлагаат измени на членот 31 и тоа: даночниот долг да настанува во моментот кога е платена фактурата за извршениот промет на доброто и извршената услуга; кога плаќањето е извршено пред извршувањето на прометот, време на настанување на даночниот долг е моментот кога е добиено плаќањето, во висина на данокот за добиениот износ.

Во насока на ублажување на последиците од негативните ефекти на светската финансиска и должничка криза врз македонската економија, Владата досега презема четири пакети на антикризни мерки, но не успеа да го ублажи проблемот со ликвидноста на трговските друштва и зголемувањето на бројот на фирми кои имаат блокирани жиро-сметки. Предложените измени се во функција на антикризна мерка со која државата ќе им помогне на компаниите во отплата на своите долгови.

Комисијата со 2 гласа „за“ и 7 „против“ заклучи дека Предлогот на закон за изменување на Законот за данокот на додадена вредност не е прифатлив и не може да се даде на натамошно читање.

- Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам, го образложи заменик-министерот за финансии, г. Недим Рамизи.

Тој истакна дека причините за изменување и дополнување на Законот произлегуваат од потребата за негово усогласување со одредбите од Законот за кривичната постапка и од Законот за прекршоци. 

Се предлага Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам да го промени својот назив во Управа за финансиско разузнавање заради усогласување со меѓународната дефиниција за институции од истиот тип (Единица за финансиско разузнавање), заради усогласување со меѓународните стандарди и практика, а притоа земајќи ја предвид основната надлежност и функција на Управата – анализа, обработка и доставување на финансиски информации и податоци.

Исто така, предложените измени се во функција на усогласување со Законот за прекршоци заради прецизирање на одговорноста на лицето на кое му е доверен определен круг на работи, односно му е доверена контрола над спроведувањето на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, и се врши прецизирање на прекршочната одговорност на субјектите од член 5 став 1 точка 2 од Законот, поконкретно на адвокатите, нотарите, даночните советници, консултанти, односно физичките лица кои ги вршат следните услуги промет со недвижности, ревизорски и сметководствени услуги,  нотарски, адвокатски и други правни услуги што се однесуваат на: купопродажба на подвижни предмети, недвижности, содружнички удели или акции, тргување и управување со пари и хартии од вредност, отворање и располагање со банкарски сметки, сефови и други финансиски производи, основање или учество во управувањето или работењето на правни лица, застапување на клиенти во финансиски трансакции и друго, давање совети од областа на даноците, давање консултантски услуги и давање на услуги на инвестиционен советник и друго.

Понатаму одредбите кои ги регулираат прекршоците се однесуваат на  процедурата за имплементација на привремените мерки кои овој закон ги дефинира како времена забрана за користење или располагање со пари, хартии од вредност, фондови или друг имот, времено чување и обезбедување врз основа на одлука  издадена од страна на суд или друг надлежен орган, се усогласува со концептот определен во член 200 од Законот за кривичната постапка.

Комисијата со шест гласа „за“ и три „воздржани“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Заменикот на министерот за финансии го образложи и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи

Потребата од негово изменување и дополнување е со цел да се изврши допрецизирање и усогласување на надлежностите на Управата за јавни приходи кои се пропишани со Законот за управата за јавни приходи, во однос на надлежности кои ги има Управата согласно со Законот за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам.
 
Комисијата со 6 гласа „за“ и 3 „воздржани“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлогот на закон за престанување на важењето на Законот за задолжување на Република Македонија со кредит кај Владата на Кралството Шпанија по Договорот за кредит за реализација на проектот ХЕЦ „Лера" како дел од хидросистемот „Стрежево", г. Надим Рамизи објасни дека поради спогодбено раскинување на овој Договор, потребно е овој Закон да престане да важи во правниот систем на Република Македонија.
Комисијата едногласно заклучи дека ово Предлог-закон е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

- Воведно образложение по Предлогот на закон за дополнување на Законот за административните такси, поднесен од пратениците Радмила Шекеринска-Јанковска, Гордан Георгиев, Наташа Савова-Салковска, Игор Ивановски, Тања Томиќ, Ана Павловска-Данева, Оливер Спасовски, Горан Минчев, Благоја Стојановски, Самка Ибраимоски, Драгиша Милетиќ, Марјанчо Николов, Маринела Тушева, Емилијан Станковиќ, Билјана Казанџиска, Миле Андонов, Голупчо Ангелов, Станка Анастасова, Андреј Петров, Панче Орцев, Горан Сугарески, Цветанка Иванова, Саве Марачков, Светлана Мазгалоска-Вучетиќ, Борче Ставров, Јани Макрадули, Весна Бендевска, Митре Велјаноски, Ердоган Сарач, Дивна Јовковска Ефтимоска, Менде Диневски и Стојко Пауновски, даде претставник на предлагачите, пратеникот Игор Ивановски.

Тој истакна дека основна причина за предлагање на вакво законско решение е да им се помогне на студентите на сите државни и приватни факултети на сите нивоа на студии. Станува збор за административна такса која сите студенти се обврзани да ја плаќаат.

Висината  на административната такса која ја плаќаат студентите изнесува 50 денари, но истата е зголемена и со трошокот за банкарската провизија која се движи од 28 до 50 денари во зависност од банката кај која се уплаќа.

Предложениот закон има социјална и хумана компонента. Овој износ на дополнителна давачка претставува оптоварување на семејниот буџет.

Предложените измени претставуваат и антикризна мерка, бидејќи како резултат на светската економска и должничка криза која се прелева и во Република Македонија, 2012 година ќе биде тешка и граѓаните ќе имаат проблеми со приливите и ликвидноста и на ваков начин ќе им се помогне овие средства да ги искористат за други потреби.

Комисијата со три гласа „за“ и осум „против“ заклучи дека овој Предлог на закон не е прифатлив и не може да се даде на натамошно читање.

- Заменикот на министерот за финансии, г. Недим Рамизи даде воведно образложение уште по Предлогот на закон за изменување  и дополнување на Законот за даночна постапка.

Тој истакна дека со развојот на интернетот и сè поголемиот број на корисници, се наметнува потребата од овозможување на аукции по електронски пат (електронски аукции).

Ваквиот начин на организирање на продажбата ќе овозможи поголема транспарентност, можност за учество на поголем број потенцијални купувачи, подолг временски период на надавање и можност за давање најповолни понуди, намалување на трошоците и зголемување на ефикасното работење на деловните субјекти.

Комисијата со шест гласа „за“ и три гласа „воздржан“ заклучи дека Предлогот на закон за  изменување и дополнување на Законот за даночна постапка е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click