Активности



Вторник, 8 мај 2012 година

ЕУ – најуспешен проект за мир

Денес, по 62 години од европското обединување, Европската унија претставува најуспешниот проект за мир на овој континент - беше истакнато на Меѓународната конференција на тема: „Проширувањето соочено со новите предизвици во Европската унија“, која се одржа по повод утрешниот Ден на Европа.

Конференцијата беше под покровителство на македонското Собрание, а во организација на Европското движење во Република Македонија и претставуваше дебата од граѓански карактер, на која се разговараше за прашања поврзани со евроинтегративниот процес на Република Македонија, за тоа што претставува Европската унија, кои се нејзините вредности, со кои предизвици се соочува и сл.

На 9 мај 1950 година Роберт Шуман ги поставил темелите на Европската унија, повикувајќи на една единствена Европа, која „нема да се изгради одеднаш или според еден единствен план, туку преку конкретни постигнувања, кои најпрво ќе креираат фактичка солидарност“.

И покрај актуелната економска криза на Стариот континент, процесот на проширување се одвива, но, за жал, Република Македонија се наоѓа во специфична околност поради билатералниот спор за името, што претставува неправедна блокада на патот кон ЕУ и НАТО, која сепак нема да биде пречка земјата да продолжи да ги исполнува условите за членство. 

Започнатиот Пристапен дијалог на високо ниво се фокусира на конкретните активности кои треба да ги преземе Република Македонија и има за цел да ја доближи до ЕУ. Тој треба да ја покаже одлучноста да се остварат барањата, а секоја реформа треба да се спроведува како да утре ќе се случи проширувањето.

Присутните се согласија дека во интерес на сите македонски граѓани е Република Македонија да стане членка на Унијата, затоа што ѝ е потребен долгорочен раст, мир, стабилност и безбедност. 

Република Македонија веќе седум години има кандидатски статус, иако континуирано добива позитивни извештаи за нејзиниот напредок. Токму затоа, се упати апел до пријателите во Европската унија да ја отворат вратата за Македонија, да не останеме уште долго во чекалниците на ЕУ и НАТО.

Click