Активности

Вторник, 16 октомври 2012 година, Никозија, Кипар
 
Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини на Конференција на КОСАК

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Хајрула Мисини кој учествува на дводневната  Конференција  (14-16 октомврври) на Комисиите за европски прашања на земјите ЕУ членки-КОСАК, која се одржува во рамките на кипарското ЕУ претседателство во Никозија, говореше во  дебатата посветена на Приоритетите на ова претседателство, а за кое воведно излагање имаше заменик-министерот за европски прашања на Кипар, г. Андреас Мавројанис.

Мисини се осврна на делот од приоритетите, посветен на политиката на проширувањето на Европската унија, која е една од најуспешните политики на Унијата, при што ја потенцира важноста Република Македонија на претстојниот декемвриски самит на Советот на ЕУ да добие датум за отпочнување на преговори за ЕУ членство.

Во таа насока тој ја истакна посветеноста на земјата за имплементација на    потребните реформи, со цел постигнување на европските стандарди. Притоа, потсети дека Македонија веќе четврти пат добива препорака од страна на  Европската комисија и дека годинава добивме најдобар извештај за напредокот на земјата, како резултат на  нашата посветеност за постигнување на европските вредности. Почетокот на преговорите ќе внесат зголемен импулс за понатамошен развој на евроинтегративните процеси во земјата, но ќе имаат и позитивно влијание и на стабилноста во регионот.

Заменик-министерот за европски прашања, г. Мавројанис, осврнувајќи се на  дискусијата  на Мисини и во тој контекст на европската политика за понатамошното проширување, истакна дека Кипар има позитивен однос кон понатамошното проширување на ЕУ, но дека треба да се земе предвид и актуелната ситуација во ЕУ во однос на економската криза. За можноста Македонија да ги отпочне преговорите за време на кипарското претседателство рече дека мора да се имаат предвид и реалните пречки.

На маргините на конференцијата претседателот на комисијата, г. Мисини имаше  повеќе средби со претседателите на комисиите за европски прашања на Словенија, Бугарија и Литванија, на кои стана збор за актуелната економска криза во ЕУ, како и за  последиците што таа ги има и за земјите аспиранти за  ЕУ членство, а во тој контекст и за нивната отворена поддршка за евроинтегративните процеси на Република Македонија.
Click