Активности



Петок, 7 септември 2012 година

Интегрирање на младинските пријателски сервиси во системот на јавно здравство

Денеска во Младинскиот центар „Сакам да знам“ во амбулантата Шуто Оризари, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собраните на Република Македонија, во соработка со Х.Е.Р.А. организираше работна посета на која присуствуваше и министерот за здравство Никола Тодоров.

Оваа посета беше организирана со цел да се запознаат членовите на комисијата со работата на центарот во Шуто Оризари, како и целиот модел на младински пријателски сервиси.

Како што истакна претседателката на комисијата, Лилјана Поповска оваа посета беше искористена да се разговара како младинскиот центар, но и другите слични на овој да се вклучат во системот на јавно здравје. Она што таа го истакна како голем успех е што во претходните шест години овој центар има опфатено над 12.000 клиенти, што е особено значајно за оваа општина.

Министерот Тодоров го искажа своето задоволство од посетата на овој интередисциплинарен центар. Овој напор исклучително се цени од страна на државата, затоа што услугите се насочени кон маргинализирани и социјално исклучени категории на граѓани. Тој истакна дека министерството работи на спроведување на она што претходно било ветено, односно обезбедување на гинеколошки услуги како дел од примарната здравствена заштита за жените и девојките во репродуктивен период. Во овој момент е обезбедена просторија која што ќе биде опремена како гинеколошка амбуланта, а исто така е објавен и повик за интерес за концесионер, на што има заинтересирано гинеколог. Преку давањето на концесија за гинеколог во општината Шуто Оризари ќе се реши голем проблем.

Извршниот директор на Х.Е.Р.А., Бојан Јовановски ги повтори заклучоците од разговорите со членовите на комисијата и министерот, кои се однесуваат на продолжување на разговорите околу интегрирање на центрите во системот на јавно здравје. Како што тој посочи ова е особено важно поради тоа што овој центар, но и центарот во амбуланта Водно, нуди услуги за категории на граѓани кои што имаат потешкотии за добивање на услуги од јавно здравствените институции.

Click