Активности



Понеделник, 29 октомври 2012 година

Јавна расправа на тема: „Како до подобар пристап на контрацепцијата во Република Македонија"

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Република Македонија, во соработка со Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А., на 26 октомври 2012 година, одржа јавна расправа на тема: „Како до подобар пристап на контрацепцијата во Република Македонија".

Покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на јавната расправа присуствуваа пратеници на Собранието на Република Македонија,   претставници на  Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, Институтот за јавно здравје – Скопје,   Универзитетската гинеколошко - акушерска клиника, здруженијата на гинеколози, локалните комисии за еднакви можности,  УНДП, СЗО, УНИЦЕФ, УНФПА, Un Women, Европската комисија, Македонското женско лоби, како и други здруженија на граѓани што работат на ова поле.

Поздравни обраќања имаа  претседателот на Комисијата, г-ѓа Лилјана Поповска и д-р Јованка Костовска, претставник на Министерството за здравство на Република Македонија.

На расправата беа отворени повеќе прашања, и тоа:

  • Фактори кои влијаат на употребата на контрацепцијата во Македонија - говореше г. Бојан Јовановски, извршен директор, ХЕРА;
  • Улогата на гинеколозите и услугите за контрацепцијата – предности и предизвици, д-р Татјана Гуржанова – Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство;
  • Од Фондот за население при Обединетите нации, д-р Соња Таневска на тема: Меѓународната конференција за популација и развој, Каиро, 1994 година;
  • Кои се можностите за контрацепцијата на позитивната листа на лекови, г. Бранко Аџигогов, директор на сектор во Фондот за здравствено осигурување;
  • Кои се финансиските импликации за подобар пристап на контрацепцијата во Македонија, д-р Борјан Павловски од ЕСЕ - Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените;
  • Презентација на податоци од истражување направено во 2011 година во Република Македонија на тема контрацепција од д-р Игор Вељковиќ, претставник на канцеларијата на УНИЦЕФ.

По исцрпната дискусија во која се вклучија пратеници, стручни лица и претставниците на невладиниот сектор беше донесен следниот заклучок:

1.  Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија ги поздравува активностите на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување како и на невладините организации што се во насока на имплементација на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје, посебно нагласувајќи ги младинските советувалишта;

2. Комисијата смета дека обезбедувањето на веродостојни информации за контрацепцијата како и квалитетна и прифатлива цена за контрацептивните методи се основи за подобро здравје на жените, но и потврда за можноста и правата на жените, исто како и мажите, подеднакво да учествуваат во општествениот развој;

3.  Комисијата смета дека е потребно да се направи сеопфатна национална студија за контрацепцијата и финансиските импликации до крајот на 2013 година, со цел да се добијат најнови информации за стапката на употреба на контрацептивните методи и соодветно на тоа да се развијат посоодветни активности и мерки за промоција и едукација;

4.  Комисијата му препорачува на Министерството за здравство да преземе конкретни активности и организира кампањи за информирање и едукација на општата јавност, особено кај младите и социјално ранливите групи на жени и мажи, за митовите и погрешните информации за штетноста на модерната контрацепција, со цел да се намали бројот на несакани бремености, да се подобри превенцијата од сексуално преносливи инфекции и да се постигне здрава бременост и родителство;

5.  Комисијата им препорачува на здравствените работници и лекарските здруженија, особено на гинеколозите, да работат на унапредување на своите знаења за модерните контрацептивни технологии кои се базирани на научни докази, но и да обрнат повеќе внимание во едукацијата, советувањето и  мотивацијата на жените, девојките и паровите за планирање на родителството и користењето на контрацепцијата;

6. Комисијата смета дека воведувањето на сеопфатно сексуално образование во училиштата е еден од значајните фактори за подобрување на знаењата и употребата на модерната контрацепција кај младите, како и во намалување на бројот на несакани бремености и сексуално преносливите инфекции кај оваа популација;

7. Комисијата им препорачува на Министерството на здравство и на Фондот за здравствено осигурување да изнајдат механизми и буџетски средства за вклучување на орални контрацептивни методи и кондоми во рамки на превентивните здравствени програми и/или на позитивната листа на лекови, особено за младите и социјално ранливите групи на жени и мажи, согласно на препораките на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје. 

Click