Активности



Петок, 29 јуни 2012 година

Јавна расправа на тема: Национална стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012 - 2015

Комисија за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, вчера одржа јавна расправа на тема: Национална стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012 - 2015.

Покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на јавната расправа присуствуваа и пратеници на Собранието на Република Македонија,  претставници на институции, локални комисии за еднакви можности на жените и мажите, меѓународни и невладини организации.

Расправата ја отвори претседателот на Комисијата, г-ѓа Лилјана Поповска, по што свои излагања имаа: г. Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика на Република Македонија; г-ѓа Гордана Јанкулоска, министер за внатрешни работи на Република Македонија; г-ѓа Диадра Бојд, постојан координатор на Обединетите нации и постојан претставник на УНДР; г. Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ и г. Герт Кампман, заменик-амбасадор на Кралството Холандија.

„Националната стратегија за спречување и заштита од семејното насилство 2012 - 2015" ја презентираше г-ѓа Ирена Тодоровска, претставник на Министерството за труд и социјална политика.

По исцрпната дискусија, во која се вклучија пратениците, членовите на локалните комисии и претставниците на невладиниот сектор, беше донесен следниот заклучок:

  1. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите го поддржа носењето на „Национална стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012 - 2015".
  2. Комисијата сугерира да се прифатат следниве забелешки:
  • Во работата на Националното координативно тело за семејно насилство да се вклучат двајца претставници од Собранието на РМ по предлог на Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените (позиција и опозиција);
  • При спроведувањето на Стратегијата да се обрне внимание на унапредување на едукацијата на медицинските кадри;
  • Во функција на поголема применливост на Стратегијата да се продолжи со континуирани активности за психосоцијална и економска помош и поддршка на жртвите, вклучително и поддршка и на работодавачите за вработување на жртвите на семејно насилство преку посебни ментори кои ќе ги водат жртвите во процесот на реинтеграција во општествено економските текови;
  • Да се обрне поголемо внимание на третманот на насилниците во специјални центри, како и да се шири мрежата на Советувалишта за психосоцијален третман на насилници во рамки на Центрите за социјална работа;
  • Дополнително да се афирмираат СОС телефонските линии за помош на жртвите;
  • За ефикасно спроведување на Стратегијата да се обезбедат соодветни буџетски средства;
  • Да се продолжи со континуирани обуки за сите професионални структури за соодветна примена на Протоколот за постапување во случаи на семејно насилство;
  • Градење на капацитетите на наставните кадри во училиштата и градинките за разбирање на феноменот на семејно насилство и испраќање на јасни пораки до децата и учeницитe во текот на воспитно-образовниот процес;
  • При носењето на Закон за семејно насилство да се вклучат сите субјекти што работат на ова поле, при што насилството врз жената да биде вклучено како посебна област;
  • При спроведувањето на Стратегијата да се обрне внимание на унапредување на едукацијата на кадрите од социјалната сфера од аспект на поголема отвореност кон клиентите.
Click