Активности

Вторник, 13 март 2012 година

ЈАВНА РАСПРАВА ПО РАБОТНАТА ВЕРЗИЈА НА ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Националниот совет за евроинтеграции денеска одржа јавна расправа по работната верзија на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животна средина. Овој закон е еден од 10-те закони од Анексот 2 усвоен од Националниот совет за евроинтеграции и составен дел на Мислењето за усвојување на правото на Европската унија во текот на 2012 година, кое Советот со консензус го усвои на седницата одржана на 8 февруари годинава.

На јавната расправа учествуваа претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, членовите на Комисијата за европски прашања, Комисијата за транспорт, врски и екологија како матично работно тело во Собранието, претставници на Македонската парламентарна зелена лоби група, Секретаријатот за европски прашања, претставници на државни и приватни универзитети, претставници на граѓански организации од областа на животната средина и експерти.

Образложение по работната верзија на законот даде г. Стево Темелковски, заменик-министер за животна средина и просторно планирање. Во своето излагање тој истакна дека постојниот Закон за животната средина, донесен во 2005 година, претставува  еколошки устав, истиот има претрпено бројни измени и дополнувања како резултат на потребата за усогласување со неколку европски директиви од областа на животната средина.

Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животна средина се врши усогласување со Директивата бр.96/82/ЕЗ на Советот, за опасности од хаварии што вклучуваат опасни материи.

Законот за животна средина се дополнува со додавање на нов член 147-а, со кој се воведува политика за спречување на хаварии, која треба да биде во пишана форма и да гарантира висок степен на заштита на луѓето и животната средина.

Со измените и дополнувањата на Законот се воведува и правен основ за донесување на подзаконски акт со кој ќе се пропишат критериумите со кои ќе се определува во кој случај определена несреќа ќе се смета за хаварија.

Една од причините за донесување на измените и дополнувањата на Законот за животната средина е и во насока на имплементацијата на третата фаза од Регулаторната гилотина, со кој се поедноставува постапката за изработка на елаборат за заштита на животната средина за земјоделците, занаетчиите, фармерите и трговците од мал обем.

Предлог-законот е неопходен и во насока на прецизирање на одредбите кои се однесуваат на постапката за интегрирано спречување и контрола на загадувањето.

Учесниците на јавната расправа ја поздравија иницијативата на Националниот совет за евроинтеграции за организирање на јавна расправа за закон од областа на животнатa средина.

На јавната расправа со свои дискусии, предлози, забелешки и коментари, учествуваа:  г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет; г. Кенан Хасипи, член на Советот; г-ѓа Косана Николиќ-Мазнева, член на Комисијата за европски прашања и на Комисијата за транспорт, врски и екологија; г-ѓа Лилјана Поповска, пратеник и заменик-член во Комисијата за европски прашања; г. Зоран Шапуриќ од Американ колеџ и г-ѓа Александра Бујароска од еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“.

покана     Предлог-закон         стенографски белешки         заклучоци

Click