Активности

Понеделник, 27 февруари 2012 година

ЈАВНА РАСПРАВА ПО ПРЕДЛОГ- СТАТЕГИЈАТА ЗА СОРАБОТКА НА ВЛАДАТА СО ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР (2012-2017)

Националниот совет за евроинтеграции во соработка со Граѓанската платформа на Македонија организираше јавна расправа по Предлог-стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор за периодот 2012-2017 година.

На јавната расправа учествуваа претставници на 27 граѓански организации и здруженија, пратеници во Собранието на Република Македонија, претставници на амбасади на земји-членки на ЕУ и Делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

На јавната расправа Предлог-стратегијата беше разгледана во работна верзија. Стратешкиот документ беше презентиран од г-ѓа Сузана Никодијевиќ-Филиповска раководител на Сектор за анализа на политики и координација при Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија. Од страна на претставникот од Генералниот секретаријат на Владата беше истакната важноста на шестгодишниот стратешки документ, при што присутните на јавната расправа беа информирани за процесот на подготовка на стратегијата, за досегашниот напредок во соработката на Владата со граѓанскиот сектор, вредностите и принципите врз кои се темели соработката, за состојбите во граѓанскиот сектор и неговите карактеристики. Во однос на стратешката рамка, г-ѓа Никодијевиќ-Филиповска, информираше за визијата, целите, субјектите како и  стратешките приоритетни области.

Целите на стратегијата ќе се реализираат во периодот 2012-2017 година, а спроведувањето на специфичните мерки од Стратегијата ќе се реализира преку усвојување на два акциски планови во кои детално ќе се предвидат активностите. Главни субјекти за исполнување на начелата, целите и мерките од Стратегијата ќе бидат: Владата на Република Македонија, министерствата и други органи на државна управа, а Одделението за соработка со невладини организации при Владата, ќе биде одговорно за координацијата при спроведувањето, подоготовка на акциските планови и за известување за степенот на спроведувањето на Стратегијата.

Учесниците на Јавната расправа ја поздравија иницијативата на Националниот совет за евроинтеграции и Граѓанската платформа на Македонија, за организирањето на јавната расправа, а во текот на истата беа изнесени предлози, коментари и забелешки во насока на подобрување на работната верзија на Предлог-стратегијата.

На јавната расправа со свои дискусии, предлози, забелешки и коментари учествуваа:  г-ѓа Радмила Шекеринска претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на Советот, г-ѓа Весна Бендевска, г. Драгиша Милетиќ и г-ѓа Тања Томиќ пратеници во Собранието на Република Македонија, г-ѓа Тања Хафнер Адеми, од Граѓанската платформа на Македонија, г-ѓа Савка Тодоровска од Националниот совет за родова рамноправност, г. Филип Стојановски од фондацијата "Метармофозис", г-ѓа Лидија Димова од "Македонски центар за европско образование", г. Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија, г-ѓа Виолета Ѓорѓиевска од Интернет хотлајн провајдер-Македонија, г-ѓа Маргарита Цаца Николовска од Институтот за човекови права, г. Небојша Захариевски од Младинската алијанса Тетово, г. Суад Мисини од Истражувачкиот центар за граѓанско општество и г. Сашо Матовски од невладината организација "Бела Виста".


покана         Предлог-стратегија      стенографски белешки        заклучоци  

Click