Активности



Четврток, 17 март 2012 година

Јавна расправа за третманот на маргинализираните заедници во јавната комуникација

Комисија за еднакви можности на жените мажите на Собранието на Република Македонија во соработка со Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници", одржа јавна расправа на тема: Третманот на маргинализираните заедници во јавната комуникација.

Покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на јавната расправа присуствуваа и пратеници на Собранието на Република Македонија,  претставници на институциите, невладините и меѓународните  организации, како и претставници на дипломатските претставништва во земјава.

На расправата свои излагања имаа г. Душко Миновски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на тема: Постапување на Комисијата по основ на дискриминација на маргинизираните задници; г. Славчо Димитров, извршен директор на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ на тема: Презентирање на искуства и сознанија поврзани со говорот на омраза насочен кон маргинализираните заедници; прим. д-р Славица Гајдазис-Кнежевиќ, невропсихијатар, субспецијалист по болести на зависност, на тема: Штетните влијанија на говорот на омраза, стигматизирачкиот и дискриминаторски говор врз развојот на личноста кај припадниците на маргинализираните заедници; проф. д-р Јован Донев, директор на Институтот Евро-Балкан, Скопје, на тема: Демократското и политичко значење на борбата за правата на маргинализираните заедници и г-ѓа Елизабета Божиновска, програмски координатор за ХИВ на ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување, на тема: Повеќекратна дискриминација на лицата кои живеат со ХИВ.

По исцрпната дискусија во која се вклучија пратеници и претставници на невладиниот сектор, беше донесен следниот заклучок:

  1. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ги поддржува и поттикнува активностите на Комисијата за заштита од дискриминација во насока на спречување и заштита од дискриминација од лицата на маргинализираните заедници, убедена дека Комисијата ќе остане отворена за сите појави на дискриминацијата;
  2. Комисијата ги осудува сите појави на говорот на омраза кон маргинализираните заедници  и повикува на толеранција, разбирање и прифаќање на различностите кај сите наши граѓани, почитувајќи го правото на избор како човеково право;
  3. КЕМ ги поттикнува сите институции и поединци да се борат против стереотипите и предрасудите во општеството кои можат да бидат основа за дискриминација и да ја спречат потрагата по среќа на секој наш граѓанин;
  4. КЕМ ги почитува различните ставови во општеството и правото тие да бидат искажани од секој поединец без штетни последици по него;
  5. КЕМ ја поздравува волјата на институциите и поединците за унапредување на третманот на ХИВ/СИДА;
  6. КЕМ сугерира вклучување на темата за маргинализирани заедници во разни дебати во Собранието; 
  7. КЕМ во склад со своите претходни заклучоци сугерира сеопфатно сексуално образование што ќе придонесе од ослободување од стигмата, предрасудите и стереотипите;
  8. КЕМ ќе продолжи и понатаму силно да се залага за промоција на политиките на не дискриминација и на унапредување на демократските процеси во земјата.
Click