Активности

Понеделник, 9 јули 2012 година, Лимасол, Република Кипар

Македонија во континуитет испорачува реформски резултати 

За време на подготвителниот состанок на 48. заседание на КОСАК, кој се одржува денеска во Лимасол, Република Кипар, во рамките на кипарското претседателство со ЕУ, свое учество има и претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Хајрула Мисини.

Вицепремиерот за европски прашања на Кипар, г. Андреас Мавројанис, ги претстави програмата и приоритетите на кипарското претседателство, при што потенцираше дека за овие шест месеци Европа ќе се обиде да стане поцврста, покомпатибилна и многу поефикасна, со цел да ја надмине финансиската криза и да ја потврди својата улога на сериозен актер во глобалната светска политика.

Тој се осврна и на проширувањето, како важен сегмент од приоритетите на кипарското претседателство, при што истакна дека овој процес мора да продолжи и дека Кипар ќе им даде силна поддршка на сите земји аспиранти за членство во Унијата. Исто така рече дека проширувањето е визионерски проект кој ќе заврши со Обединета Европа.

Претседателот на Комисијата, г. Хајрула Мисини, состанокот го искористи да се сретне со своите колеги од националните парламенти на земјите-членки на ЕУ, но исто така и со колегите од парламентите на земјите-кандидати за членство во Унијата.

На сите овие средби што г. Мисини ги оствари, беше потенцирана цврста заложба Република Македонија да стане дел од европското семејство, како и дека нашата држава во континуитет испорачува реформски резултати, кои мораат да бидат валоризирани со отпочнување на преговорите за зачленување во Европската унија.

Состанокот завршува денеска со усвојување на препораки и заклучоци.
Click