Активности



Понеделник, 27 февруари 2012 година

Литванија со поддршка за членство на Македонија во ЕУ и НАТО

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г. Јани Макрадули, Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентите на балтичките земји: Република Естонија, Република Латвија и Република Литванија, Комисијата за европски прашања и Комисијата за надворешна политика, денеска остварија средба со Делегација на Собранието на Литванија, предводена од г. Чесловас Витаутас Станкевичиус, потпретседател на Собранието на Литванија и претседател на Комисијата за европски прашања.

На средбата со потпретседателот Макрадули, присуствуваа пратениците г-ѓа Лилјана Поповска и г. Неџати Јакупи, а Делегацијата на Литванија беше претставена од г. Витенис Повилас Андриукаитис, потпретседател на Комисијата за европски прашања и член на Комисијата за надворешна политика, г. Егидијус Вареикис, претседател на Пратеничката група за соработка со земјите од Западен Балкан и член на Комисиите за европски прашања и надворешна политика и г. Валеријус Симулик, член на Комисиите за европски прашања и човекови права и член на Пратеничката група за соработка со земјите од Западен Балкан.

Потпретседателот Макрадули истакна дека Македонија може многу да научи од Комисијата за европски прашања на Литванија, и притоа да има помалку тензична атмосфера во Собранието на Република Македонија кога се разгледуваат  нашите закони кои треба да се имплементираат со европските. Тој истакна дека е потребна поинтензивна парламентарна соработка за да се искористат научените лекции и да се применат, воедно побара продолжување на поддршката за патот кон НАТО, кој е гарант на стабилноста и безбедноста, но, исто така, и гарант на големи странски инвестиции.

Господин Чесловас Витаутас Станкевичиус истакна дека спорот со името е од минатото, не е од сега, и дека Република Македонија нема територијални претензии кон својот јужен сосед. Тој изјави дека се свесни оти не е лесно да се најде решение, но ако Република Македонија се држи до добрососедските односи, сите земји на ЕУ би ја поддржале и, исто така, потенцираше на засилување на парламентарната соработка помеѓу двете држави.

На 24 јануари 2012 година, Комисијата за европски прашања на Литванија имаше можност да зборува во Европскиот совет, при што предложи резолуција во која на Данското претседателство ќе му предложи сценарио за започнување преговори во јуни,  без предуслови да се реши спорот со името, туку би се отвориле преговорите, а името би останало да се решава во текот на преговорите.

На средбата со Пратеничката група за соработка со Парламентите на балтичките земји, претседателот на Групата, г-ѓа Лилјана Поповска и членовите: г. Миле Пачемски, г. Емилијан Станковиќ, г-ѓа Тања Томиќ и г. Талат Џафери, изразија благодарност за посетата, за признавањето на Република Македонија под уставното име и поддршката за членство во ЕУ и НАТО.

Македонските пратеници им укажаа на гостите дека единствена определба на сите политички партии и на македонските граѓани, е влез во ЕУ и НАТО. Тие упатија апел Литванија со своите искуства да ѝ помогне на нашата земја во приклучувањето кон големото европското семејство.

Литванската делегација изрази подготвеност за споделување на своите искуства и пројави интерес за меѓуетничките односи во Македонија, за Охридскиот рамковен договор и употребата на албанскиот јазик во училиштата.

Присутните беа согласни дека географската оддалеченост помеѓу двете земји не е пречка за остварување плодна соработка и изразија надеж дека во иднина таа ќе се продлабочи во повеќе области.

Потпретседателот на Комисијата за европски прашања, г. Арбен Љабеништа и членовите г. Гордан Георгиев, г. Ѓорѓи Коџабашиев, г-ѓа Владанка Авировиќ, г. Миле Пачемски и г. Павле Трајанов, на средбата со гостите од Литванија, ги запознаа со работата на Комисијата и се заблагодарија за поддршката што нивната земја ја дава на Република Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.

Гостите истакнаа дека е важно и може многу да помогне Македонија постојано да повторува дека нема територијални претензии кон јужниот сосед. И Литванија беше долго време во чекалната на ЕУ и во првиот бран не влезе, но тоа време го искористи да работи на реформите и истото ѝ го препорачува на Македонија, да работи на реформите и да не се откажува од влез во ЕУ.

Исто така, гостите истакнаа дека се отворени за соработка и дека стојат на располагање и имаат желба да помогнат затоа што имаат експерти во Комисијата за европски прашања кои работат на таа тематика.

Делегацијата на Собранието на Литванија, во рамките на посетата, оствари средба и со г. Александар Николоски, заменик-претседател на Комисијата за надворешна политика и членовите: г. Сафет Бишевац, г. Игор Ивановски, г-ѓа Дешира Имери, г. Владимир Ѓорчев и г-ѓа Лилјана Поповска.

Господин Николоски изрази задоволство од средбата како можност присутните да добијат слика и да се запознаат со работата на Собранието.

Присутните посочија дека Македонија посветено продолжува со спроведување на реформите, чии стратешки приоритети и понатаму остануваат интегрирањето во ЕУ и НАТО и изразија надеж за почитување на неодамнешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

Воедно, тие се согласија дека за Република Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО и мора да се изнајде начин за што поскорешно отпочнување на преговорите, бидејќи тоа е од битно значење за нас, но е во интерес и на безбедноста, стабилноста и развојот на регионот.

Click