Активности



Понеделник, 18 јуни 2012 година

МАКЕДОНИЈА - ЛИДЕР ВО РЕГИОНОТ ВО СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ РЕГУЛАТОРНИ РЕФОРМИ

Вестминстер фондацијата за демократија, на 14 јуни 2012 година, во Собранието на Република Македонија, ја претстави новата Нацрт-регионалната програма за Западен Балкан, на тема „Парламентите и регулаторната реформа на економската правна рамка“.

Свое обраќање имаше г. Алекс Романјук, директор за програмите во Европа и Централна Азија на Вестминстер Фондацијата за Демократија.

Тој истакна дека соработката со пратениците во Република Македонија е особено значајна и како резултат на истата е постигнат значителен напредок и тоа најмногу во донесувањето во Законот за Собранието на Република Македонија и формирањето на Парламентарниот институт.

Истовремено, беше укажано дека Република Македонија претставува лидер во регионот во спроведување на економските регулаторни реформи.

Презентацијата на тема „Парламентите и регулаторната реформа на економската правна рамка“ ја претстави г-ѓа Славица Пенев, виш истражувач на Институтот за економски науки во Белград и експерт на Светската Банка.

Презентацијата беше поврзана со напредокот и реформите во земјите од Западен Балкан. Беше укажано дека според податоците на повеќе релевантни институции, Република Македонија претставува лидер во однос на напредокот и спроведување на реформите во регионот.

На презентацијата присуствуваа претседателите и членовите на Комисијата за економски прашања, Комисијата за финансирање и буџет и Комисијата за европски прашања, координаторите на Пратеничките групи, генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, претставници од кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија, претставници од Владата на Република Македонија и претставници од невладиниот сектор.

Воведно излагање и благодарност за досегашната соработка дадоа заменик-претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, г. Марјанчо Николов и претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини.

Click