Активности



Вторник, 8 мај 2012 година

Македонија што побргу да го заврши постмониторинг дијалогот

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска остварија средба со потпретседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Роберт Валтер, известител за постмониторинг дијалогот со Република Македонија.

Во состав на Делегацијата беа: шефот на Делегацијата, г. Александар Николоски, членот г. Игор Ивановски и заменик-членовите: г. Александар Спасеновски и г-ѓа Соња Мираковска.

Шефот на Делегацијата, г. Николоски, во своето поздравно обраќање се заблагодари за посетата на известителот Валтер, особено во еден битен период за Македонија - претстојниот самит на НАТО.

Имплементацијата на Резолуцијата 1213(2000) за почитување на обврските и заложбите од страна на Република Македонија, постизборните настани, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор на локално ниво, следењето на состојбите и влијанието на неодамнешните меѓуетнички инциденти, реформите во јавната администрација и состојбата на медиумите, беа теми на разговор помеѓу присутните на средбата и известителот Валтер.

Николоски информираше и за вчерашната посета на г. Штефан Филе, комесар за проширување и европска соседска политика на Европската комисија и неодамна започнатиот Пристапен дијалог на високо ниво.

Во рамките на посетата, г. Валтер оствари средба и со г. Илија Китаноски, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, г-ѓа Светлана Јакимовска, заменик на претседателот, членовите: г-ѓа Силвана Бонева, г. Антонио Милошоски, г. Кенан Хасипи, г. Александар Николоски, г-ѓа Ана Павловска-Данева, г-ѓа Весна Бендевска и заменик-членовите: г-ѓа Сузана Анова, г. Трајчо Димков, Ромео Тренов, г. Рејхан Дурмиши и г. Талат Џафери.

Претседателот на Комисијата, г. Илија Китаноски, изрази задоволство од средбата, а воедно и ги запозна присутните со составот и работата на Комисијата.

Известителот Валтер посочи дека функционирањето на парламентот и парламентарната демократија е значајно за Република Македонија, симбол за демократско општество.

Како силен поддржувач за членството на Македонија во НАТО и ЕУ, г. Валтер изрази желба Македонија што побргу да го заврши постмониторинг дијалогот и да биде дел од ЕУ семејството.

Click