Активности

Понеделник, 2 јули 2012 година

Македонските искуства како помош во создавањето подобар здравствен систем на Косово

Законот за здравствено осигурување и Законот за здравствена заштита, како закони врз кои се базира здравството во Република Македонија, беа во фокусот на средбата помеѓу Комисијата за здравство на Собранието на Република Македонија и Комисијата за здравство, труд и социјална политика на Собранието на Република Косово.

Гостите искажаа благодарност за укажаната можност за размена на мислења и искуства, кои ќе им помогнат во изготвувањето на нивните закони во областа на здравството.

Тие покажаа голем интерес за тоа како е уреден здравствениот систем во нашата земја, на кој принцип се плаќаат придонесите, проблеми на кои се наидува, потоа за платите на лекарите, за матичните и семејните лекари, за специјалистите, понатаму за приватизацијата на здравството, улогата на лекарските комори, за пензискиот систем, за заштитата од корупцијата и други прашања од оваа област.

Македонските пратеници ги запознаа гостите како функционира здравството тука и од своите искуства им советуваа на што треба да обрнат посебно внимание во изготвувањето на законите.

Им беше укажано дека имаат потполна слобода во создавањето на здравствениот систем, затоа што секоја земја креира свој, различен систем, во зависност од своите потреби, можности, услови, а добрите идеи и совети од другите земји ќе бидат од огромна помош во создавањето на што подобро здравство за косовските граѓани.

Присутните се сложија дека оваа Комисија игра многу важна улога во здравствениот и социјалниот мир на граѓаните, а македонската страна посака успешно имплементирање на стекнатите искуства во здравствениот систем на Косово.
Click