Активности

Четврток, 16 февруари 2012 година 

Младите се движечка сила на ИПС проектот

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, денеска оствари средба со стипендистите на Меѓународната стипендија (ИПС) на Германскиот Бундестаг.

На средбата присуствуваше Н.Е. г-ѓа Гудрун Штајнехер, амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија, претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на СР Германија, г. Антонио Милошоски и стипендистите Катерина Бакалова, Сашо Андреевски и Виолета Ристеска.

Потпретседателот Јакимовска изрази благодарност до амбасадорот, г-ѓа Гудрун Штајнехер за сè што прави за овој процес, овој проект да продолжи. Таа ги охрабри стипендистите да се запознаат со работата на Собранието на Република Македонија, а потоа и со работата на Бундестагот и по завршувањето на петмесечниот престој во Германија ги покани повторно да го посетат Собранието и да ги пренесат своите  искуства и импресии од работата на Бундестагот. Потпретседателката на стипендистите им предаде промотивен материјал од Република Македонија при што напомна доколку биде потребно дополнително ќе добијат промотивен материјал за подобро претставување на Република Македонија.

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, ја запозна Н.Е. г-ѓа Гудрун Штајнехер со програмата што стипендистите ќе ја имаат во Собранието на Република Македонија, при што ќе се сретнат со првите луѓе на Секторот на генералниот секретар на Собранието, на Законодавно-правниот сектор, на Секторот за работни тела, на Секторот за истражување, анализа, библиотека и документација, на Сектор за информатички и комуникациски технологии, на Секторот за меѓународна соработка, на Секторот за поддршка на Националниот совет за евроинтеграции, потоа средба во Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија.

Исто така укажа на тоа дека дополнително во периодот на траењето на програмата, учесниците ќе бидат вклучени во следењето на работата на Собранието од галеријата и на следење на седниците на работните тела.

Амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Н.Е. г-ѓа Гудрун Штајнехер, истакна дека пратениците од Бундестагот биле пријатно изненадени од поддршката што Собранието на Република Македонија им ја дава на стипендистите што не било случај на други собранија од други држави.

Претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на СР Германија, г. Антонио Милошоски истакна дека му е мило што секоја година има наши претставници во Бундестагот при што посочи дека и самиот бил стипендист.

Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) е традиционална активност на германскиот Бундестаг, односно Проект на германскиот парламент, кој заедно со Техничкиот универзитет, Слободниот универзитет и Универзитетот Хумболт од Берлин, дава можност на млади луѓе со завршено универзитетско образование од земјите од Југоисточна Европа да се запознаат со парламенарниот систем на Германија.

Проектот ИПС преку Собранието на Република Македонија се реализира од 2001 година. Германскиот Бундестаг, Собранието на Република Македонија и Германската амбасада се надлежни институции за спроведување на Проектот.
Click