Активности

Петок, 6 јули 2012 година, Монако

Република Македонија ги поддржува заложбите за зајакнување на ОБСЕ

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: д-р Ана Павловска Данева, шеф на делегацијата, г. Владимир Ѓорчев и г. Зиадин Села, членови на делегацијата учествува на 21. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, што се одржува од 4 до 9 јули 2012 година во Монако.

На сесијата, чија главна тема за дискусија е: „ОБСЕ - регион на промени“  учествуваат околу 270 пратеници од повеќе од 50 парламенти членки на ПС на ОБСЕ.

На инаугуративната седница на членовите на ПС на ОБСЕ им се обратија: г. Жан-Франсоа Робијон, претседател на Националниот совет (Парламентот) на Монако, г. Мишел Роже, премиер на Монако, г. Еамон Гилмор, министер за надворешни работи и трговија на Ирска и претседавач со ОБСЕ, г. Жан-Клод Мињон, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа и г. Ламберто Заниер, генерален секретар на ОБСЕ.

Претседавачот со ОБСЕ, г. Еамон Гилмор, заменик-премиер и министер за надворешни работи и трговија на Ирска се осврна на приоритетите на Ирското прeтседателство со ОБСЕ и одговараше на прашања од пратениците. Тој истакна дека главна цел на Претседателството е да развие приоритети што ќе обезбедат рамнотежа и кохерентност на пристапи во сите три димензии на ОБСЕ. Подвлекувајќи дека Ирска придава особено значење на хуманата димензија на ОБСЕ, тој ги повика владите и парламентите на земјите-учеснички да обезбедат напредок во оваа димензија, преку исполнување на преземените заложби. Господин Гилмор ја нагласи подготвеноста на Ирското претседателство тесно да соработува со Парламентарното собрание на ОБСЕ, со цел за продлабочување на заедничките приоритети.

Генералниот секретар на ОБСЕ г. Ламберто Заниер се осврна на визијата за Организацијата зацртана на Самитот на ОБСЕ во Астана, истакнувајќи дека 40-годишнината од Хелсиншкиот документ е извонредна можност за обезбедување на поттик за натамошно унапредување на ОБСЕ.

Во рамките дискусија на седницата на Комисијата за политички прашања и безбедност, свое обраќање имаше д-р Ана Павловска Данева, шеф на делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на ОБСЕ. Осврнувајќи се на промените во регионот на ОБСЕ, таа истакна дека Република Македонија ги поддржува заложбите за зајакнување на ОБСЕ, кои се однесуваат на подобрување на консултативниот процес, зајакнување на транспарентноста, ефикасноста и ефективноста на Организацијата, засилување на улогата на генералниот секретар на ОБСЕ, зајакнување на ефикасноста на институциите и мисиите на ОБСЕ, разгледување на опцијата ОБСЕ да добие правен статус и др.

Таа нагласи дека за Република Македонија од особено значење е имплементацијата на препораките на ОБСЕ и ОДИХР во врска во правната рамка за спроведување на избори, особено сега, кога во тек се измените на Изборниот законик. Според д-р Павловска Данева главен политички приоритет за земјата е претстојните локални избори да бидат организирани во целосна согласност со препораките и стандардите на ОБСЕ.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 320 парламентарци од 56 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.
Click