Активности

Среда, 20 јуни 2012 година

Осма седница на Комисијата за култура

Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија, на Oсмата седница, одржана вчера, како матично работно тело, во второ читање го разгледа Предлог-законот за прогласување на споменичката целина на Крушево за културно наследство од особено значење.

Согласно рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Комисијата, г. Гордан Георгиев, ја извести Комисијата дека по овој Предлог-закон не се поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Врз основа на член 149 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за култура поднесе и со 9 гласа „за“ усвои еден амандман. Амандманот се предложи поради допрецизирање на одредбите од членот.

Општо е познато дека Република Македонија е мултикултурна и мултиконфесионална држава, што особено е забележливо во Крушево, каде живеат повеќе етникуми од повеќе конфесии.

Затоа, во одредбата од овој член потребно е да се допрецизираат овие универзални вредности, се разбира, покрај другите што се спомнуваат и се во духот на Охридскиот рамковен договор, а исто така и согласно со Законот за културно наследство.

Во претресот по амандманот учествуваа пратениците: г. Бехиџудин Шехаби и г-ѓа Светлана Мазгалоска-Вучетиќ како и заменик-министерот за култура, г. Драган Неделковиќ.

По завршувањето на расправата, Комисијата за култура го проследи Предлог-законот за прогласување на споменичката целина на Крушево за културно наследство од особено значење на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

 
Click