Активности



Понеделник, 2 јули 2012 година

Петнаесетта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 15. Седница, одржана на 27 јуни 2012 година, како матично работно тело во второ читање ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за водостопанствата;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште;
  3. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рибарство и аквакултура;
  4. Предлог-законот за идентификација и регистрација на животните.

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, како матично работно тело, на седницата одржана на 27 јуни 2012 година и Законодавно-правната комисија на седницата одржана на 28 јуни 2012 година ги разгледаа амандманите поднесени на Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за водостопанствата.

Во Дополнетиот предлог на законот за изменување и дополнување на законот за водостопанствата е вграден амандманот кој беше усвоен на седниците на матичното работно тело, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Законодавно правната комисија на седниците и тоа:

  • Амандман за бришење на член 7 поднесен од пратениците Борче Ставров, Панче Орцев, Саве Марачков и Ленче Николовска со архивски број 07-2771/7.

На седницата на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство во својство на претставник на Владата на Република Македонија присуствуваше г. Зоран Коњановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, поднесени се вкупно два амандмани по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште.

Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: г. Борче Ставров, г. Ванчо Апостолов, г. Малиша Станковиќ и заменик-министерот г. Зоран Коњановски.

Комисијата не ги усвои двата поднесени амандмани.

По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за рибарство и аквакултура, претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ги извести пратениците дека нема поднесено амандмани во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија,

Претседателот на Комисијата ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, нема поднесено амандмани по Предлог законот за идентификација и регистрација на животните.

Врз основа на член 149 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата поднесе, разгледа и претресе осум амандмани.

Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: г. Малиша Станковиќ и г. Панче Орцев.

Комисијата едногласно ги усвои предложените 8 амандмани.

По расправата, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство заклучи: Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште;Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рибарство и аквакултура и Предлог-законот за идентификација и регистрација на животните да се проследат на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

Click