Активности



Понеделник, 12 март 2012 година

Петта седница на Комитетот за односи меѓу заедниците

Комитетот за односи меѓу заедниците, на седницата одржана на 9 март 2012 година, тргнувајќи од неговите надлежности утврдени со Уставот на Република Македонија и Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците, расправаше за „Последните случувања и нивното влијание врз меѓуетничките односи и стабилноста на земјата".

Покрај претседателот, г-ѓа Ермира Мехмети и членовите на Комитетот, на седницата присуствуваа и заинтересирани пратеници на Собранието на Република Македонија, министерот за внатрешни работи, г-ѓа Гордана Јанкуловска, заменик-министерот за внатрешни работи, г. Џељаљ Бајрами, Н.Е. Гудрум Елизабет Штајнекер, амбасадор на Федеративна Република Германија во Скопје, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. амбасадорот Ралф Брет и претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и претставник на Амбасадата на САД во Скопје.

Врз основа на расправата, Комитетот за односи меѓу заедниците едногласно ги усвои следниве Заклучоци:

  1. Комитетот за односи меѓу заедниците ја изразува својата длабока загриженост по повод серијата напади и насилните инциденти што се случија во изминатиот период, кои предизвикаа меѓуетнички тензии во Република Македонија;
  2. Членовите на Комитетот ги осудуваат најостро овие напади и инциденти и апелираат на одговорно и сериозно однесување на сите чинители и повикуваат на целосно залагање за смирување на етничките тензии;
  3. Комитетот за односи меѓу заедниците ги повикува:
    • Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите законски мерки за превенција, пронаоѓање на директните извршители и поттикнувачите на овие насилни инциденти и нивно соодветно санкционирање;
    • Јавното обвинителство на Република Македонија да спроведе истрага и да подигне обвинителен акт пред надлежниот суд заради демистификација на овој циклус на етнички провокации;
    • Надлежните лица во образованието во соработка со родителите да ги преземат сите неопходни активности за превенција од натамошна ескалација на меѓуетничките тензии;
  4. Членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците апелираат до сите политички партии, органи на државната управа, медиуми, верски заедници и религиозни групи, невладиниот сектор и граѓаните да повикуваат на смиреност и помирување и да се воздржат од секаква активност што би можела да ги зголеми тензиите и со разум и високо ниво на одговорност да пристапуваат кон сите прашања кои се поврзани со меѓуетничките и меѓуконфесионалните односи во Република Македонија;
  5. Овие заклучоци да се достават до претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Јавното обвинителство на Република Македонија, народниот правобранител и медиумите.
Click