Активности



Понеделник, 5 март 2012 година

Пратениците Љубисав Иванов-Ѕинго и Марјанчо Николов на Конференција во Белград

Претседателот на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Љубисав Иванов-Ѕинго и претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, г. Марјанчо Николов, на 3 март 2012 година, учествуваа на Конференција во Белград, на тема: „Улогата на парламентите во процесот на одредување на приоритети: Kратење на јавните расходи или стимулирање на економијата", во организација на Народното собрание на Република Србија, Институтот за економски науки од Белград и Фондацијата „Фридрих Еберт".

Конференцијата ја отворија г-ѓа Славица Ѓукиќ-Дејановиќ, претседател на Народното собрание на Република Србија; г-ѓа Гордана Чомиќ, потпретседател на Народното собрание на Република Србија; г. Михаел Ерке, директор на канцеларијата на Фондацијата „Фридрих Еберт" во Белград и г. Дејан Ериќ, директор на Институтот за економски науки во Белград.

Претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љубисав Иванов-Ѕинго, говореше за економските и политичките бариери во трговијата во регионот.

Беше истакнато дека треба да дојде до поголема либерализација на пазарот во регионот, конкретно земјите од ЦЕФТА, зајакнување на економските и деловните интереси и слично. Во своето излагање, тој посебно се осврна на економските бариери и можностите за нивно отстранување.

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, г. Марјанчо Николов, во своето излагање, се осврна на структурата на Буџетот на Република Македонија, при што потенцираше дека најголем дел од вкупниот Буџет е наменет за тековни расходи (плати и надоместоци, стоки и услуги, трансфери до ЕЛС, субвенции и трансфери, социјални трансфери), а само околу 18% за капитални расходи.

Тој, исто така, потенцираше дека кога се прави ребаланс на Буџетот, секогаш се посегнува кон кратење на веќе утврдените со Буџетот капитални расходи. Во таа насока, тој предложи дека капиталните инвестиции треба да бидат за стимулирање на економијата. Како идеја посочи дека е добро да се размисли за формирање на фонд за поддршка на извозно ориентираните фирми.

Click