Активности

Четврток, 17 мај 2012 година

Приемот на Македонија и Турција во ЕУ е во интерес на двете земји, Балканот и Европа

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Турција оствари средба со турска делегација, предводена од г. Џемил Чичек, претседател на Големото национално собрание на Република Турција.

Претседателот на Пратеничката група, г. Кенан Хасипи, ја оцени посетата како потврда за редовната и успешна соработка меѓу Македонија и Турција, посебно меѓу Парламентите на двете држави.

Тој нагласи дека севкупните односи се на највисоко ниво, во духот на традиционално пријателство, разбирање и соработка, без спорни прашања.

Беше истакнато дека во Македонија расте бројот на турски инвеститори, но и покрај тоа има простор за поголема економска соработка, како и за развивање на туризмот, посебно поради изобилието на споменици од отоманскиот период, во чија реставрација е вклучена и помошта од Турција.

Македонската страна изрази благодарност за поддршката од Турција во евроинтегративниот процес, како и за употребата на уставното име.

Претседателот Чичек за нашата земја имаше само пофални зборови, нарекувајќи ја пријателска и братска, во која се чувствуваат како дома.

Тој истакна дека во периодот кога сите се двоумеле, Турција ја признала Република Македонија под уставното име, без никакви дилеми.

Во однос на членството на Македонија во ЕУ и НАТО и приемот на Турција во европското семејство, г. Чичек беше категоричен дека тоа е во интерес не само на двете земји, туку и на целиот регион и Европа воопшто.

На средбата беше истакнато дека секоја земја која може да придонесе ЕУ да стане посилна, треба да стане нејзина членка.

Во тој контекст, до турската страна беше испратен апел заедно со нивните пријатели во ЕУ да направат сојуз за евроинтеграција на Македонија.

 

 

 

 
Click