Активности



Вторник, 21 февруари 2012 година

„Пријателите на Македонија“ поддржуваат нејзина евроинтеграција

Претседателот на Комисијата за надворешна политика , г. Антонио Милошоски, оствари средба со членовите на групата „Пријатели на Македонија“, европратениците г. Ричард Ховит, г. Едвард Кукан и г. Алојз Петерле.

На средбата присуствуваа и членовите на Комисијата за надворешна политика, Комисијата за европски прашања, Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ и Националниот совет за евроинтеграции.

Претседателот Милошоски во своето воведно обраќање им посака добредојде на европратениците во Македонија, посочувајќи дека оваа посета е уште еден доказ за добронамерноста, решителноста и подготвеноста да ѝ помогнат на една земја на нејзиниот евроинтегративен пат.

Од страна на присутните, беа разгледани препораките изнесени во Предлог-резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на Република Македонија за 2011 година, која треба да биде усвоена во март годинава.

Во рамките на Предлог-резолуцијата за Македонија, изразена е поддршка за што поскорешно отпочнување на пристапни преговорите со Унијата, воедно  вклучена е и придавката „македонски“, како и повик за почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Европратениците, г. Ричард Ховит и г. Едуард Кукан го изразија своето задоволсто да се биде овде, како вистински пријатели на земјата чија заеднична цел е помош и изразена поддршка секогаш кога тоа ќе биде потребно и можно за отпочнување на преговорите со Унијата.

Европратеникот, г. Алојз Петерле ја истакна важноста и улогата на парламентарната дипломатија во меѓународната комуникација.

Претседателот Милошоски посочи дека Република Македонија и понатаму останува посветена на спроведувањето на реформите и тоа на три полиња: администрацијата, судството и зголемување на дијалогот помеѓу сите општествени чинители со медиумите.

Свое излагање на средбата имаа координаторите на Пратеничките групи: г-ѓа Силвана Бонева, г. Игор Ивановски и г-ѓа Ермира Мехмети-Деваја, како и пратеникот г-ѓа Лилјана Поповска.

Инаку, Групата „Пријатели на Македонија“ е основана на 11 февруари 2011 година, на иницијатива на европратеникот, г.  Мартин Кастлер.

Click