Активности



Четврток, 17 мај 2012 година

Прва седница на Комисијата за уставни прашања

Комисијата за уставни прашања на Собранието на Република Македонија, на првата седница одржана на 15 мај 2012 година, го разгледа:

  • Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, поднесен од група пратеници

Претставникот на предлагачите, пратеникот Ана Павловска-Данева  ги образложи причините за поднесување на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот.

Г-ѓа Данева истакна дека предложената измена на Уставот е со цел да се создаде уставна можност за ретроактивно дејство на измените што би се извршиле во Кривичниот законик во правец на утврдување апсолутна незастаривост на кривичните дела поврзани со трансформацијата или продажбата на претпријатијата со општествен и државен капитал. Ретроактивното дејство би било ограничено само за овој вид дела, без можност за воведување на нови кривични дела или зголемување на висината на казната.

Таа истакна дека на тој начин ќе се овозможи расчистување на сомневањата за постоење на  криминалното постапување во процесот на приватизација и казнување на сторителите на кривични дела кои истите ги сториле во тој процес, но во соодветна судска постапка. Потенцира дека само така би се надминале политичко-партиските обвинувања за тоа кој е виновен за начинот на кој е спроведена приватизацијата и би се запреле етикетирањата по тој основ. При тоа укажа на постоење соодветно решение во Уставот на Хрватска.

Исто така, истакна дека предложената измена на Уставот не го повредува начелото на законитост, ниту начелото на правна сигурност на граѓаните, туку дека тоа е во интерес на сите граѓани.

Во својство на претставник на предлагачите, пратеникот Павловска-Данева, во текот на расправата, истакна дека основната правна аргументација за Предлогот, е во правец на заштита на правото на сопственост кое во одреден период било повредено и таа заштита да се обезбеди во судски постапки кои ќе се овозможат преку соодветна измена на Кривичниот законик со негово ретроактивно дејство, но кое е можно само со претходна измена на Уставот.
 
Во расправата учествуваа пратениците: г. Малиша Станковиќ, г. Ивон Величковски, г-ѓа Сузана Салиу, г-ѓа Благородна Дулиќ, г. Беким Фазлиу, г. Павле Трајанов, г. Тито Петковски, г. Иван Стоилковиќ, г. Драгиша Милетиќ и г. Оливер Спасовски.
По расправата, Комисијата со 6 гласа "за" и 9 гласа "против", не го поддржа Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, поднесен од група пратеници.

Доколку Собранието донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, Комисијата предлага, Собранието, врз основа на член 196 став 3 од Деловникот на Собранието, по донесувањето на Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, да го донесе  следниот Заклучок:

"1. Подносителот на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија - групата пратеници, најдоцна во рок од 15 дена да подготви и на Собранието да му достави Текст на нацрт на амандман, односно амандмани на Уставот на Република Македонија
2. Овој заклучок да се достави до претставникот на предлагачите".

 

 

Click