Активности



Понеделник, 29 октомври 2012 година     

Регионална работилница на Парламентарните комисии за економија и финансии на земјите од Западен Балкан

„Зајакнување на улогата на парламентите и владите во промовирање на компететивноста и економскиот раст во земјите од Западен Балкан“ – беше темата на Регионалната работилница на Парламентарните комисии за економија и финансии на земјите од Западен Балкан, која се одржа од 26 до 28 октомври 2012 година, во Милочер, Република Црна Гора, а во организација на Вестминстер фондацијата за демократија.

На работилницата учествуваа пратеници од Парламентите на земјите од Западен Балкан. Делегацијата од Собранието на Република Македонија ја сочинуваа претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, г. Марјанчо Николов, заменик-претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ и претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини.

Дискутирано беше на повеќе теми кои се заеднички за регионот, како што се проблемот со корупцијата, сивата економија, невработеноста, трговските бариери и зајакнувањето на контролната функција на Собранието во трошењето на јавните финансии.

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, г. Марјанчо Николов го изрази своето задоволство во однос на формирањето на Регионалната мрежа на парламентарни комисии за економија и финансии на земјите од Западен Балкан и изрази надеж дека средбата ќе биде успешна и ќе придонесе  за зајакнување на соработката помеѓу парламентите во регионот.

Во своето излагање тој ја истакна улогата на Парламентот како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт, во процесот на регулаторната и економската реформа во државата.

Со регионалното поврзување на парламентите и зајакнувањето на нивната улога во промовирање на економскиот раст ќе се подобри економската соработка помеѓу земјите од Западен Балкан со можност за заеднички пристап кон евроатлантските интеграции. Особено изрази задоволство што Република Македонија бележи значителен напредок во економските реформи во однос на другите земји од регионот.

Господин Николов во својот говор се осврна на контролната функција на парламентите во имплементација на законската регулатива, но пред сè во однос на контролата на трошењето на јавните финансии.

Тој укажа дека во Република Македонија е неопходно да  се воведат механизми кои ќе овозможат надзор, односно контрола на законодавната над извршната  власт во однос на трошењето на буџетските средства.

Господин Николов информираше дека со Законот за Собранието на Република Македонија, донесен во 2009 година, е предвидено формирање на Парламентарен институт во Собранието на Република Македонија и процесот е започнат, но од одредени причини во моментот истиот е во стагнација.

Во оваа насока тој изрази надеж дека во најкусо време бариерите ќе бидат отстранети и ќе започне неговото функционирање, особено ако се имаат предвид препораките во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2012 година. 

Парламентарниот институт треба да ги зајакне законодавните и аналитичко-истражувачки капацитети на Собранието, да овозможи пристап на пратениците до објективни и стручни податоци, компаративни анализи и истражувања, а со тоа да се подигне квалитетот во работата на Собранието на Република Македонија како законодавен дом.

Заменик-претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ, во своето излагање истакна дека со спроведените реформи во регионот се создава добра и поволна деловна и бизнис клима.

Република Македонија последните неколку години направи многу реформи во тој поглед, како и поволностите што се нудат, посебно со отворањето на повеќето технолошки индустриски развојни зони, со што се отвораат многу погодности за странски инвестиции, како и повластените даночни стапки. Беше истакнато дека посебно внимание треба да се обрати и на домашните инвеститори.

Во своето излагање, г-ѓа Авировиќ го посочи постигнатото ниво на макроекономската стабилност, регулаторната реформа којашто се спроведува, како и планот за развој на идните активности.

Беше кажано дека потребно е продолжување и продлабочување на соработката и размената на искуства по однос на прашањата поврзани со унапредувањето на работата на Собранието и собраниските комисии, како и утврдувањето на начините на остварување на нивната соработка.

Беше истакнато дека Собранието на Република Македонија и собраниските комисии ги разгледуваат извештаите на сите регулаторни тела. Акцент беше даден и на процесот на спроведување на надзорните расправи.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, истакна дека парламентите од регионот мора поблиску да соработуваат на сите полиња, вклучувајќи ги не само економските прашања, туку и сите останати, за да побргу се интегрираме кон европското семејство кон кое сите тежнееме.

Во услови на глобалната економска криза, нагласи дека е неопходно да се   обрне поголемо внимание на квалитетот на законите и на регулаторната реформа, со цел за нивно подобрување и намалување на непотребните  административни оптоварувања. 

Во тој контекст, информираше дека Регулаторната реформа на економската правна рамка за Комисијата за европски прашања е актуелна пред сè од аспект на потребното хармонизирање на нашето законодавство со правото на Европската унија.
Исто така, тој рече дека како земја-кандидат за членство во ЕУ, Македонија им придава соодветно внимание на економските реформи и активно работи на ова поле, како дел од потребните Копенхашки критериуми за членство во Европската унија.

Click