Активности

Петок, 19 октомври 2012 година, Велес

Република Македонија треба да е дел од НАТО 

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија, предводена од претседателот Влатко Ѓорчев, во соработка со Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (DCAF), со седиште во Женева, одржаа дводневна тркалезна маса, во Велес.

Членовите на Комисијата за одбрана и безбедност и Комисијата за финансирање и буџет расправаа за улогата на парламентот во креирањето на буџетот за одбраната, како и за улогата на парламентот во окружување на намалена одбрана.

Пратеникот во Европскиот парламент, г. Јон Паску, како поранешен министер за одбрана на Романија, ги пренесе искуствата на неговата земја како членка на НАТО и го изрази своето жалење што и покрај тоа што Македонија ги исполнува условите за членство во Алијансата, Букурешт не успеа да ? посака добредојде на Македонската армија. 

Господин Брус Џорџ, како долгогодишен претседател на Комисијата за одбрана и 32 години пратеник во Парламентот на Велика Британија, кој извршувал функции како претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ и потпретседател на Парламентарното собрание на НАТО, го пренесе своето искуство на колегите пратеници од македонското собрание.

Тој го изрази своето жалење што Република Македонија и покрај тоа што ги исполнува сите услови за членство во НАТО, сe уште не го доби заслуженото. Република Македонија треба да е дел од НАТО од две причини: прво, населението дава поддршка на НАТО-аспирациите и второ - армијата учествува во мисиите на НАТО.

Господин Александар Мишчевиќ, експерт од областа на одбраната и поранешен државен секретар за одбрана на Република Србија, констатираше дека реформите во армијата се одвиваат во континуитет и дека Македонија е на вистинскиот пат.

Гостите ги споделија своите искуства околу буџетирањето на одбраната од аспект на извршна и законодавна власт. 

Пратениците, без оглед на политичката припадност, уште еднаш ја потврдија заедничката НАТО-определба и донесоа заклучоци во насока на зголемување на парламентарната контрола врз безбедносниот сектор, вклучувајќи го и буџетирањето на овој сектор. 

 

 

 

 
Click