Активности



Среда, 17 октомври 2012 година

Решението за името може да биде услов за влез во ЕУ, но не и предуслов за започнување на преговори

Евроинтегративниот пат на Република Македонија и проблемите со кои се соочува притоа, беа во фокусот на разговорите на средбата меѓу г-ѓа Силвана Бонева, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и д-р Ласло Ковер, претседател на Парламентот на Унгарија.

На почетокот од средбата, г-ѓа Бонева изрази задоволство од посетата и благодарност до Унгарија за поддршката што ѝ ја дава на нашата земја во евроинтеграциите и за напорите кои ги вложува да ги пренесе своите искуства на Република Македонија.

Таа истакна дека единствената цел на овој народ е да стане дел од ЕУ и НАТО. И покрај заеднички вложениот труд, билатералниот спор со Република Грција го закочи развојот на Република Македонија, а граѓаните се почувствуваа изневерени.

Претседателот на Унгарскиот парламент го искажа своето разочарување што и покрај четирите позитивни извештаи кои Република Македонија ги доби од Европската комисија, преговорите за членство сè уште не се започнати, притоа додавајќи дека со голем интерес ќе ги проследи резултатите од Самитот во декември.

Во врска со спорот со името, тој искажа јасен став, прво, дека никој нема право да го ограничува самоопределувањето на една нација или држава и второ – дека НАТО и ЕУ во процесот на донесување одлуки се водат од принципот на консензус, што веројатно и во иднина ќе биде така.

Но, решението за името може да биде услов за влез во ЕУ, но не и предуслов за започнување на преговори за членство. Надоврзувајќи се на последниот Извештај на Европската комисија, г. Ковер истакна дека доколку веќе се инсистира дека тој спор е условот за зачленување во ЕУ, во меѓувреме може да се започне со процесот на преговори, како би се добило и на време и притоа ЕУ би се вклучила во решавањето на проблемот.

Воедно, тој додаде дека никој не може да гарантира дека и да се започнат преговорите, ќе се реши ова прашање, притоа советувајќи дека во текот на преговорите, не смее сè да се прифати без приговор. Решенијата на ЕУ треба да ги почитуваат и нашите интереси, а не само оние на постојните членки.

Продолжувањето на процесот на проширување на Унијата, за кое се залага и Унгарија, е еден од условите за зачувување и зајакнување на истата – истакна претседателот на Унгарскиот парламент.

Присутните се согласија дека влезот на Република Македонија во ЕУ и НАТО е важен не само за нашата земја, туку и за целиот регион, како и за самата Унија.

На крајот, д-р Ласло Ковер, упатувајќи покана за посета на Будимпешта,  истакна дека со задоволство ќе ја продолжи соработката на сите нивоа, како би придонел Собранието на Република Македонија да биде што поподготвено за ЕУ.

Click