Активности



Вторник, 30 октомври 2012 година

Република Македонија да не ја изгуби својата цел – патот кон ЕУ

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија оствари средба со г. Петар Шуф, специјален пратеник за начелни прашања на надворешните односи на ЕУ, како и за односи со земјите-членки на ЕУ за Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Средбата ја отвори претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Хајрула Мисини, кој изрази благодарност за посетата и за поддршката која Република Македонија ја добива од страна на германските претставници во Европскиот парламент.

Господин Мисини ја нагласи заложбата и конкретните мерки што ги презема Сојузна Република Германија за евроинтеграција на нашата земја и ја потенцира важноста на поддршката од секоја земја-членка на Европската унија.

Тој изрази надеж дека Германија ќе го искористи своето влијание за да помогне на декемврискиот самит Советот да ја потврди препораката на Европската комисија за почеток на преговори на Република Македонија за членство во ЕУ.

Господин Петар Шуф, во својата дискусија, се осврна на четири точки: германскиот ангажман за спроведување на Солунската агенда за европска перспектива на Западен Балкан, кој сè уште трае; препораките на Европската комисија за почеток на преговори и важноста од заедничка поддршка за евроинтеграција од сите етнички заедници во земјата; кризата во евро-зоната која влијае на проширувањето на ЕУ и бара добро запознавање со секоја земја која претендира да стане дел од европското семејство; важноста од решавање на дефицитите наведени во Извештајот за напредокот, со посебен акцент на владеењето на правото, слободата на медиумите, реформите во правниот систем и борбата со корупцијата.

Македонските пратеници, од своја страна, ја искористија средбата да ги истакнат постигнатите реформи и напредокот на Република Македонија и покрај блокадата на евроинтегративниот пат од страна на јужниот сосед.

Притоа, беше побарана поддршка за пресудата која Република Македонија ја доби во Хаг, истакнувајќи се дека тоа што Грција е членка на ЕУ, треба да биде мотив повеќе да ја почитува оваа меѓународна пресуда.

Во однос на Извештајот на Европската комисија за Република Македонија, г. Петар Шуф информира дека многу внимателно го анализирале и во него се наведуваат многу области во кои е постигнат напредок, но се укажува и на разни дефицити. Тој посоветува временскиот период до декемврискиот самит да се искористи да се покријат тие дефицити, што ќе остави добар впечаток.

На крајот, г. Шуф изрази разбирање за разочарувањето од претходното вето, но и покрај тоа Република Македонија не треба да ја изгуби својата цел – патот кон ЕУ, а останува надежта дека одлуката во декември ќе биде конструктивна за нашата земја.

Click