Активности



Четврток, 8 март 2012 година

Шведска со традиционално позитивен однос за проширувањето на ЕУ

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Кралството Шведска и Комисијата за европски прашањa, остварија средба со Делегација на Пратеничката група на Парламентот на Кралството Шведска за шведско-македонско пријателство, предводена од г. Оскар Охолм, пратеник и шеф на Делегацијата.

Претседателот на Пратеничката група, г-ца Маринела Тушева, истакна дека политичките односи меѓу Република Македонија и Кралството Шведска бележат позитивен тренд и се карактеризираат со висок степен на пријателство и разбирање.

Таа изрази благодарност за континуираната поддршка од Шведска за отпочнување на пристапните преговори без одлагање и за искажаната подготвеност на шведската влада да ѝ помогне на Република Македонија во повеќе области преку твининг-програми. 

Воедно, г-ца Тушева ги информира гостите дека Република Македонија го поздравува повторениот повик на Европскиот парламент до Советот за неодложен почеток на пристапните преговори со Македонија и изрази надеж дека одлуката за старт на преговорите за членство би можела да се донесе во текот на Данското претседателство. Ако не дојде до тоа поради грчката блокада тогаш високиот политички дијалог, што Македонија ќе го  води со ЕК би требало да даде нов импулс во евроинтегративниот процес на Република Македонија и тој би требало да биде искористен за фактичко иако неформално почнување на процесот на скрининг во поглавјата 23 и 24.

Шефот на Шведската делегација, г. Оскар Охолм, се заблагодари на поканата да го посетат Собранието на Република Македонија и за можноста да се запознаат со неговата работа. Тој истакна дека и тие можат да научат нешто ново и спомна дека е одушевен од ентузијазмот кој владее кај луѓето во Република Македонија.
 
Присутните на средбата се согласија дека и понатаму треба да се продлабочи парламентарната, мултилатералната, економската и културната соработка помеѓу двете држави.

На средбата со Комисијата за европски прашањa, заменик-претседателот г. Арбен Љабеништа истакна дека Шведска и Македонија се две пријателски земји и изрази благодарност за безрезервната поддршка која Македонија ја добива од Шведска.

„Шведското претседателство со ЕУ во 2009 година имаше значајна улога за Република Македонија за добивање на позитивен извештај од Европската комисија и за добивање на препорака за почеток на пристапните преговори, како и за добивањето на визната либерализација“, истакна г. Љабеништа.

Господин Оскар Околм, изразувајќи задоволство од формирањето на Групата за пријателство во Шведскиот парламент, првпат по 20 години, истакна дека се дојдени во посета со цел да научат нешто повеќе за патот на Македонија кон ЕУ, но и да воспостават добри врски меѓу двете земји.
 
Тој додаде дека Шведска има традиционално позитивен однос за проширувањето на ЕУ и иако се мала земја, сепак ќе сторат сè што можат да ѝ помогнат на Македонија на евроинтегративниот пат и ова прашање ќе го држат отворено и во Шведскиот, но и во Европскиот парламент.

Click