Активности



Четврток, 1 ноември 2012 година

Средба на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците со известителот Валтер

Претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, г. Илија Китаноски, денеска во Собранието на Република Македонија оствари средба со потпретседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Роберт Валтер, известител за пост-мониторинг дијалогот со Република Македонија и г-ѓа Силвие Афхолдер, секретар на Мониторинг-комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

На средбата присуствуваа и пратениците: г-ѓа Светлана Јакимовска, г-ѓа Силвана Бонева , г. Александар Николоски, г. Ердоган Сарач, г. Зијадин Села, г. Драгиша Милетиќ, г. Трајчо Димков, г. Антонио Милошоски, г-ѓа Весна Бендевска, г. Мевмет Џемајлоски и г-ѓа Надица Танчева-Тулиева.

Во своето воведно излагање, претседателот Китаноски изрази задоволство во име на Комисијата за посетата на г. Валтер и воедно се осврна на поважните прашања коишто се дел од работата на Комисијата и прашања од кои зависи нашиот понатамошен напредок како модерна европска држава.

„Деновиве го добивме четвртиот и најпозитивен извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, кој претставува реален одраз на степенот на спроведување на реформите и на посветеноста на институциите на овој процес“, посочи Китаноски.

Целта на посетата на известителот Валтер е оценка на напредокот на Република Македонија во пост-мониторинг дијалогот, од аспект на реализација на обврските кои произлегоа од нејзиното членството во Советот на Европа.

Господин Валтер се фокусираше на прашањата за имплементација на Охридскиот рамковен договор, состојбата и работата на медиумите, како и посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, во однос на кои присутните разменија мислења.

Click