Активности

Понеделник, 1 октомври 2012 година

Средба на потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска со претставници на германскиот Бундестаг

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска денеска оствари средба со членови на Комисијата за избор на стипендисти за ИПС-програмата од Сојузна Република Германија.

На средбата присуствуваа германскиот пратеник, г-ѓа Мариа Флексбарт и членовите на комисијата г-ѓа Габриела Вендорф, трет претседател на Техничкиот универзитет од Берлин и г. Рандолф Кригер, висок службеник во администрацијата на германскиот Бундестаг. Исто така на средбата присуствуваше и амбасадорот на СР Германија во Република Македонија, Н.Е. Гудрун Штајнакер и советникот за културна соработка, г-ѓа Катерина Науман.

Во своето излагање потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска истакна дека Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) како активност на Бундестагот, во соработка со неколку факултети и Собранието на Република Македонија веќе 11 години традиционално се спроведува и дека се презема сè за програмата да се афирмира во јавноста, со што директно се придонесува младите луѓе да станат мост меѓу парламентите, а воедно и учесници во реформите неопходни за евроинтеграциите.

Исто така, таа ги запозна присутните дека од 2008 година, Собранието на Република Македонија изготвува двонеделна програма за идните стипендисти при што стипендистите се запознаваат со работата на Собранието и со работата на асистентите во политичките партии. По двонеделната посета на Собранието идните стипендисти, заедно со Секторот за меѓународна соработка на Собранието прават евалуација на нивното запознавање со работата на Собранието.

Пратеничката на германскиот Бундестаг, г-ѓа Мариа Флексбарт во своето излагање истакна дека е запозната со интересот за овој проект и дека знае оти Собранието на Република Македонија дава голема поддршка на Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) и дека биле многу горди кога слушнале дека поранешните стипендисти имаат добра кариера, така што еден од стипендистите е амбасадор во Берлин.

Таа, исто така, ја запозна г-ѓа Јакимовска дека во април 2013 година, ќе се одржи голема регионална средба на сите поранешни стипендисти за Западен Балкан, при што потпретседателот Јакимовска беше поканета да се обрати на средбата.

На средбата стана збор и за контактите со поранешните стипендисти, при што г-ѓа Јакимовска истакна дека има контакти со дел од поранешните стипендисти, додека Секторот за меѓународна соработка на Собранието има контакти со сите поранешни стипендисти на ИПС-проектот.

Претставниците на германскиот Бундестаг беа задоволни од исцрпните информации кои ги добија на средбата со потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска и изјавија дека вреди да се работи на овој проект затоа што тој  придонесува за унапредување на демократијата.

 

 



Click